Скромниот музичар на скопскиот плоштад: Заработувам 300 денари дневно, но не се откажувам
Поминуваш низ градскиот плоштад во Скопје и низ целата таа гужва од луѓе, слушаш звук на гитара кој ги смирува сите тензии... Дали асфалтот врие од +30 степени, или се подготвува пороен дожд како оние по кои ги запаметивме изминативе недели.. тој смирувачки звук на гитара, прави сета таа бучава да звучи убаво.
Глас на човек со ведри очи, ја придружува гитарата во својата песна, додека вредните раце „дрнкаат“ по старите жици. Сега ќе наполни 55 години, а веќе повеќе од половина од својот животен век заработува од својата прва и вечна љубов - музиката. Името му е Кирил Стојковски, местото на живеење негде низ Скопје во куќа со својата ќерка која можеби еден ден ќе биде врвна докторка.
Кирил е скромна уметничка душа заљубена во музиката, која на секое фрлање паричка во неговиот куфер, ќе ви упати топла насмевка и искрено - „Благодарам“.
- Сам ја учев музиката, во главно вака на улица.. самоук сум. Цели 10 години бев низ Европа, шетав по градови и исто свирев на улица. Сега сум тука. На почетокот е мачно, но кога музиката ќе те понесе се заборава и на климатски услови и на сѐ... тоа ми е мотивација, со музика е секогаш убаво да се работи, било да е студено, било да е топло - вака ја започнува својата животна приказна, уличниот музичар Кирил.
Работното место му е улицата, за која вели дека носи добри и лоши случки секој ден, но се е навика, кога си на улица треба да бидеш подготвен на сѐ.
Единствената разлика со музицирањето на странските улици и тука, е традицијата која ја имаат странците со слушањето улична музика.
- Кога зборуваме за бакшиш, исто се фаќа дали таму, дали овде.. разликата е што тие имаат повеќе интерес. Тука луѓето се позатворени и поплашливи за нови нешта, а таму е поотворен светот... таму повеќе се зема, но и повеќе се троши - раскажува Кирил.
Професионално работи на музиката веќе 30 години, вежба сам во својот дом, а ги презентира своите дела пред публиката на улица. Месечно добива помош од државата по 4000 денари за кои вели дека се доволни за да се покријат трошоци за жици за гитара или патни трошоци за автобус. Има снимено свои композиции за кои допрва се надева дека ќе собере пари за да ги сними во студио, бидејќи има луѓе што се интересираат, и секогаш се на поминување со што се задржуваат кратко, па сакаат да понесат нешто негово за дома да уживаат во музиката.
Сумата која ја заработува овој полн со надеж човек е симболична, но сосема доволна за да се чувствува исполнето во она што го работи.
- Колку ќе се заработи, толку ќе се потроши... ако се заработи малку и со тоа ќе се задоволи човек, нема разлика, парите не играат којзнае каква улога, мене ме интересира тоа што го работам да го направам како што треба, да бидам задоволен, да изгледа убаво - објаснува овој ведар лик.
55-годишниот музичар живее скромно и не бара многу од животот, колку што има, толку му е доволно. Работи околу од 2 до 3 часа дневно и заработува негде околу 300 до 500 денари.
- Месечно се фаќаат од 10 000 до 13 000 денари што се најнепоходни за живот и со тоа некако успевам да преживеам. Имам и ќерка, која учи во средно медицинско училиште, па сега преку летово и таа се вработи како келнерка во кафуле. Така имаме малку повеќе приходи, друго е кога работат повеќе луѓе во фамилијата - додава Кирил.
Животот посветен на музиката, Кирил не би го сменил за ништо на светот.
- Цело време преживувам од ова што го работам овде, не сум посакал да ја сменам, бидејќи ако работам нешто друго, ќе немам време за музиката, а јас се одлучив за неа. Не може човек да седи на две столици, мора да си избере само една. Ова бара многу време за подготовка на материјали, да се остане во кондиција не е баш така едноставно - открива тој.
Раскажува животна приказна, а во позадина со прстите задоволно и гордо произведува звуци од својата гитара кои сами по себе се доволни да се занемари побелената коса со белезите на неговиот лик и старата облека, кои говорат за неговото тешко патешествие. Кирил Стојковски останува на плоштадот со насмевка на лицето, не одпоздравува смело и вели : „Животот е таков. Имајте убав ден!“
Даница Караташова
Фото: Женски Магазин