Со години врзана за инвалидска количка и храбро се бори да го промени тоа: Симона сигурна во себе дека со своите книги ќе го освои светот, а со сценаријата Холивуд
Фридрајховата атаксија (ФА) е ретка, наследна, прогресивна болест која првенствено влијае на нервите и мускулите. Предизвикува губење на контролата врз движењата на телото. Токму со оваа болест 20 години се бори младата Симона Николова од Скопје. Оваа 28 годишна девојка 10 години е врзана за инвалидска количка и вели дека оваа болест е ужасна. Постепено ги губев способностите на горните и долните екстремитети, како и говорот, раскажува нашата соговорничка, која во моментов е спречена во нормално фунционирање во многу сегменти од животот. Симона е талентирана и амбициозна девојка која ужива во пишувањето а таа љубов се родила на нејзини 16 години кога за прв пат напишала краткометражно сценарио.
Имала желба да студира за режисер по завршувањето на своето средно образование, но животот и зададал големи препреки, длабоки дупки кои вели, секојдневно ја сопнуваат и ја туркаат да паѓа, но храбро се бори за да стане и да продолжи напред. Сака, и има воља да ја исполни таа желба и еден ден да го води снимањето на свој филм. Можеби оваа ужасна болест Фридрајхова атаксија од која боледува 20 години успева моментално да победува и да ја сопира да ги постигне своите цели, но Симона не се предава лесно. Иако изгледа тешко, таа има големи амбиции и со своите филмски сценарија да дојде до познатиот Холивуд, а мотивите ѝ се одвишок. Сака да биде успешна, сака да изгради кариера и нов живот исто така, но надвор од Македонија сега кога лекот за болеста ѝ е пред прагот. Симона е борбена и позитивна и решена да го доре врвот. Веќе има 6 книги, во процес е друга, а планира повеќе.
*Ни кажа дека имаш 6 објавени книги. Запознај ги нашите читатели, каков жанр се, за што пишуваш во нив ?
- Првото мое дело е мојата трилогија, односно моите први три книги. Тие се романсе/трилер. “Бура од емоции: Дневникот на Ана Фостер” е приказна за познатата виолинистка Ана Фостер и за една сурова случка и за нејзината лоша одлука која ќе ѝ направи пресврт на животот. “По вина на судбината” е љубовна приказна за Луис и Лусија. Таа е адвокат по професија која работи во семејната адвокадска фирма и исто така е позната писателка. Еден случаен судир со Луис во хотелскиот двор на хотелот каде се сместени и двајцата ќе направи целосен пресврт во нивниот живот.
“Војна од предавства” е приказна за Луис и Ана. Се случува во иднината во 2035 година кога ќе се спојат нивните животи. Моето следно дело или всушност моето четврто дело хорор/трилерот “Не влегувај таму”. Приказна за млад адвокат кој работи во адвокатска фирма во Њу Орлеанс каде што истовремено живее со своето семејство. Бил Греј ќе стане добитник на вила некаде во Аризона, САД, и по смртта на татко му ќе се пресели во неа заедно со своето семејството, не знаејќи дека куќата има мрачно минато.
Моето петто дело е моја кратка автобиографија. И моето шестто дело е хорор/трилерот “Возот на смртта”. Морничавна и страшна приказна за познатиот воз од 1940-тата година и неговиот мистериозен сопственик. Ќе има и продолжение, уште една хорор приказна со наслов ГНЕВОТ која ќе се повторува иако гревот ќе биде друг.
*Каде наоѓаш инспирација за пишување?
- Апсолутно во сè. И многу сум креативна и сакам да создавам свои приказни. Ме инспирираат сериите и филмовите што секојдневно ги гледам. Исто така од сè што ќе слушнам или ќе видам добивам инспирација, и правам сплет од сето тоа. Сакам моите креации да бидат поинакви и единствени. Сакам да сум автентична. Секој писател има свој начин на пишување, своја форма и свој стил, и јас имам свој. Сепак, кај мене е важна приказната, а не толку стилот и формата.
*Ни кажа дека книгите ги прикачуваш на Амазон и добро ти оди. Како дојде до оваа идеја?
- Идејата да ги преведам на англиски јазик моите книги и да ги објавам на платформата на Амазон ми ја даде мојот долгогодишен пријател од Мексико. Имаше конкурс и инсистираше да се обидам.
*Каков е фидбекот на странските читатели од твоите книги?
- Тие што ги прочитале се задоволни со моите творештва, и тоа ме радува. Но, повеќе ме радува тоа што ги купуваат дури и во Индија, освен во Англија, Австралија, Америка, Шпанија, Мекико.
*Боледуваш од Фридрајхова атаксија - каква е оваа болест?
- Фридрајховата атаксија (ФА) е ретка, наследна, прогресивна болест која првенствено влијае на нервите и мускулите. ФА предизвикува губење на контролата врз движењата на телото. Јас боледувам 20 години, а 10 години веќе сум во количка и само ќе кажам дека оваа болест е ужасна. Постепено ги губев способностите на горните и долните екстремитети, како и говорот.
*Во што сѐ те спречува болеста во овој момент, што ти недостига за да функционираш подобро?
- Ох... болеста ми спречува многу работи во овој момент. На пример една од тие работи е што не можам да правам интервјуа пред камери затоа што не можам доволно да зборувам, ниту можам да имам презентации на моите книги. Да одговорам на другото прашање, ќе одвојам само две работи кои недостигаат за било кое инвалидно лице, не само за мене – да има тоалети и пристап секаде за инвалидни лица – и ние имаме право да се шетаме каде сакаме.
*Велиш дека лекот е на прагот на откривање, што значи тоа ?
- Всушност лекот е готов и се чека одобрување од Светската здравствена организација. Тоа ќе биде првиот лек во историјата за Фридрајхова атаксија (ФА). Научниците ветуваат дека 89% телото ќе се врати во нормалност по една година лечење. Голема надеж дава тоа што веќе е испробан на голем број пациенти и тие веќе можат да ги извршуваат секојдневните активности.
*Како се мотивираш во животот?
- Ме мотивираат токму тие познати луѓе кои биле на дното и со силна борба сега се на врвот. Како на пример што е актерот Двејн Џонсон кој влегол во Холивуд со само 20 долари во џеб, а денес заработува повеќе од 20 милиони од филм или пак, авторката Џ. К. Роулинг со делото на Хари Потер била одбиена од многу издавачки куќи бидејќи не верувале во неа и благодарение на тоа дело, таа денес е првиот автор милион. Има и многу други, секако и секој со своја приказна и свои сопки на патот, успеале. Ги сакам луѓето што се борат и успеваат сами.
- Мојата цел е да го допрам врвот, односно да го исполнам мојот животен сон – да бидам позната писателка, сценаристка и режисерка. Сакам гордо да чекорам на холивудскиот црвен тепих.
*Што знае да те демотивира, но и за секунда да те издигне во животот?
- Најискрено, самиот живот. Болеста ме руши на некој начин и ме боли што не можам да ги направам нештата што сакам да ги направам, но ќе ми текне на моите планови и на сето она што сакам да го постигнам и кажано се кревам на нозе.
*Сонуваш за кариера во Холивуд – зошто токму таму?
- Таму се ѕвездите на кои им се восхитувам и ме мотивираат. И јас сакам да сум една од нив. Сакам моите филмски сценарија да се купени од холивудски режисери или јас да бидам една од тие режисери. Холивуд е голема филмска фамилија и јас сакам да сум дел од неа. И таму во Америка филмската индустрија има голема вредност, одлично се заработува.
*Колку во Македонија писателите, уметниците според тебе имаат просперитет, можност за напредување?
- Реална и директна сум, па најискрено ќе одговорам на прашањево – Не. Ние македонските автори сме најмалку читани, а и малку платени, а треба спротивното. Во нашава земја токму ние треба да сме ценети и најчитани пред да бидат странските автори. Прво да се читаат нашите книги, а потоа другите. Лично јас нема да просперирам тука во Македонија и за да напредувам како што јас сакам, морам да заминам надвор од земјава.
*Каде се гледаш себеси за 10 години?
- Секој човек кој во себе има свои соништа и амбиции се стреми кон тоа да си ги оствари. Јас лично се гледам веќе на врвот. Своите сапунски серии ги гледам купени и креирани во Телевиса - Мексико и своите филмски сценарија во Холивуд. Најважно е да работиш многу на себеси и да стекнеш искуство на сите можни начини. Исто така се гледам на плажите во Мајами и со добар апартман на најгорен кат од зградата, можеби или пак, во вила на ридовите во Лос Анџелес, Калифорнија. Кога ќе направам добар финансиски статус сакам да дојдам тука во Македонија и да го направам за сите болни она што никој не го прави за мене, дури ни државата.
*Кој е твоја најголема поддршка во животот?
- Мојата сестра прва ќе ја нагласам. Таа ме поддржува во апсолутно сѐ и многу ми помага. Можеби нема да се согласи со некои мои одлуки, но ме поддржува. Ги прифаќам нејзините совети, дури и ако не и ги побарувам. Имам поддршка и од други блиски и сакани личности.
*Има ли нешто друго што го сакаш, а да не е пишувањето? Во што уживаш?
- Да, секако дека има. Сакам адреналин и ризик. Сакам коли и мотори, исто така ги сакам лесните авиони и многу ми е возбудливо кога ќе видам голем хангер со многу паркирани лесни авиони. Веќе искусено. Сакам и тетоважи. Веќе имам три и тетовирам уште повеќе. Пред да се разболам цртав многу убаво и сега сакам, но за жал не можам.
*Како пандемијата со Ковид-19 се одрази врз тебе, те спречи ли во нешто ?
- Пандемијата Ковид-19 не ме спречи во речиси ништо, напротив многу позитивно се одрази врз мене. Секој од нас поминавме, а и се уште поминуваме низ многу тежок период, но лично на мене многу ми помогна во пишувањето. Иако јас пишувам од 16 години, од 2020-та година почнав официјално да се занимавам со оваа професија.
*Кое е твое животно мото?
- Никогаш не се откажувај од твоите соништа и ако навистина сакаш да станат реалност треба со сили да се бориш за тоа. Повеќе позитивност и оптимизнот, а пред сѐ верба во Бога и вербата во себе, како и желбата никогаш да не се откажеш. Мене ме мотивираат кога сите околу велат не можеш, баш тогаш да го доживеам најголемиот успех. Најважно е како се гледам јас самата во иднина. И негативните коментари на луѓе да не влијаат врз твојот живот затоа што е сао твој и само ти имаш право врз него.
Ирена Ставрова