Тања Кармзова Костиглиола: Во твоја близина
Кога ми се обраќаш -
- гравитацијата драстично се зголемува.
Ми се намалуваат
деновите и ми бегаат ноќите,
за да останам помеѓу.
Вришти секоја гласна
жица
во усната шуплина
и вакууми ми ги голтаат
зборовите.
Снагата ми останува гола,
како облеката да ми ја
вшмукале виулици,
треперам од твоето
здивнување.
Кога ми се додворуваш,
кога со прекори
ме уморуваш,
кога навидум ме
забораваш,
земаш, па оставаш,
јас сум смрзната во
прегратките
на сончевиот залез
и отсјајот на новата
месечина на песокот.
Звук на штурци ми доаѓа
во ушите
и кожата ми се суши
под ударите на
развигорецот.
Кога ми кажуваш убавини,
кога вриштиш грдотии,
кога си овде на било кој
начин -
- јас сум на пат кон други
галаксии.
Светот е претесен за да
се споиме, па под присила - се
двоиме.
За Женски Магазин, Тања Кармзова Костиглиола