Татјана и Иван Новаковски: Направивме креативна свадба по наш вкус

Добивај вести на Viber

Свадбената прослава на менаџерката во компанијата „Жито пром“, Татјана Танева и менаџерот на меѓународното училиште „Нова“, Иван Новаковски беше пример за една весела и модерна македонска свадба. Сега веќе брачната двојка, првиот чекор во заедничкиот живот го направија во хотелот „Мериот“ каде се регистрираа во присуство на роднините и пријателите, а потоа се одржа и свадбената свеченост полна со многу музички изненадувања. Татјана и Иван се запознале пред пет одини на латино забава во Охрид и љубовта кон танцот е причината поради која се родила и првата искра помеѓу нив. Врската ја почнале пред точно четири години и датумот на свадбата се совпаѓа со нивните први средби.

Прославата на бракот стартуваше неколку дена порано со мала забава на која присуствуваа сите нивни пријатели од странство кои имаа шанса да се дружат и подобро да ја запознаат Македонија. Од Саудиска Арабија, Кореа и Индија, преку САД, Канада, и Перу, гостите на свадбата доаѓаа од различни страни на светот и му дадоа меѓународен шмек на настанот, налик на Обединетите Нации.

Регистрацијата на младенците се одржа во „Мериот“ во присуство на потесниот круг роднини и пријатели, а свадбениот марш беше изведен акустично од музичко трио на труба, саксофон и контрабас. Младоженецот и невестата дадоа завети кои самите ги напишаа и во кои зборуваа како се гледаат себеси и партнерот во брачната заедница и како ќе постапуваат понатаму во бракот.

- Нашите очекувања од брачниот живот се да го оддржиме и развиеме меѓусебното разбирање, кое со текот на годините секако ќе биде ставено на испит. Да продолжиме да го истражуваме светот околу нас и уште побитно во нас. Да се поддржуваме во нашите планови и амбиции и да ги правиме нешата што нè прават среќни и нè исполнуваат. Бракот за нас е партнерство кое мора интензивно да се негува. Сакаме да бидеме од тие партнери кои со години ќе успеат да ја задржат магијата која ги има споено на прво место - велат Татјана и Иван.

По регистрацијата, свадбената прослава почна со кратка видеоснимка од запросувањето што се случи точно пред една година, во Лас Вегас, каде што младоженците со падобран скокаа од авион по што Иван ја побара раката на Татјана. Воведниот танц на младенците беше изведен во румба кореографија на прекрасниот текст и мелодија од Грегори Портер, Real Good Hands.Tанцот брзо премина во флеш моб варијанта, каде што на младенците им се придружија родителите, кумот, старосватиците, како и блиските пријатели со групна кореографија на песната на Џастин Тимберлејк, Can’t stop the feeling. 

Крајниот дел од отворањето вклучи десетина професионални танчери кои изведоа свој перформанс на песната од Џејсон Деруло, Talk dirty, чијтанц со неговите фолк семплови беше вовед во балканскиот сегмент на вечерта во изведба на „Маротов бенд“ и каде беше вклучена музика од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна, Албанија и Грција, држави од каде што исто така имаше и гости на свадбата. Крајот на балканскиот сегмент беше најавен со здравици дадени од кумот и една од трите старосватици, кои преку анегдоти и хумор се осврнаа на четиригодишната врска на Иван и Татјана. 

Џијан Емин со својот Биг бенд го најави вториот дел од свадбената прослава. Френк Синатра и Мајлс Дејвис прозвучеа моќно низ изведбата на оркестарот составен од 20-тина изведувачи. Појавувањето на вокалистот Павле Камиловски кој изведе неколку американски евергрини беше мало изненадување на вечерта. На полноќ се направи пауза за сечење на торта и фрлање на бидермаерот, кој беше предаден на следната потенцијална невеста на еден невообичаен начин, преку сечење на врвки кои беа поврзани со бидермаерот и држени од невенчаните гостинки на свадбата. Последната врвка која остана неисечена го обезбеди бидермаерот за среќната гостинка. Вториот сегмент од Биг бендот на Џијан Емин, беше посветен на рок и поп хитови од последните декади, кои не оставија никого рамнодушен и го наполнија подиумот. За најиздржливите гости беше резервиран настапот на диџеј Албион, во придружба на конги и саксофон. Во два часот наутро свадбата беше затворена со уште една изведба на групна кореографија на песната Can’t stop the feeling на Џастин Тимберлејк. Но, забавата не заврши тука и најхрабрите гости заедно со младенците продолжија во скопскиот клуб -1 и ја продолжија прославата до раните утрински часови.