Уникатен перформанс на пистата на Shtip Fashion Days

Добивај вести на Viber

На 30 септември 2024, во 19:00 часот во старата фабрика за џинс „Македонка“, кога се затемнија светлата, воздухот го исполни исчекувањето на модните ентузијасти, кои беа собрани за да бидат сведоци на колекциите што ги поместија границите и ја редефинираа елеганцијата.


Настанот го отвори ревија чија цел беше да оддаде почит на убавината на елементите на природата. Проектот Економско зајакнување на жените и девојките од Источниот регион, кој е поддржан од Фондацијата Kvinna till Kvinnа, а имплементиран од Здружението за заштита на работнички права Гласен текстилец - Штип, создаде парови дизајнер-ученик, кои успешно ја доловија суштината на земјата, ветерот и огнот преку хармоничен спој на висока мода и природна инспирација.

Погледнавме модели на петте парови дизајнер-студент:

Александар Ношпал, ментор – Татјана Гиновска

Никола Булески, ментор – Снежана Ефковска

Катерина Тошкова, ментор – Марија Трајковска

Антонија Гугинска, ментор – Михаела Штерјова

Гере Трипков, ментор – Сара Величковска,

како и седум модели кои споменатите дизајнери ги отстапија за оваа ревија.


Но, она по што ќе ја паметиме ревијата е тоа што преку ревулуционерен приказ на солидарност и социјална свест Shtip Fashion Days, создаде шоу на модната писта кое го насочи вниманието на важноста на правата на работниците. Трансформирајќи ги традиционалните поими за гламурот и луксузот, ова шоу ја прослави издржливоста и силата на конфекциските работници ширум светот истакнувајќи ги нивните гласови преку јазикот на стилот и дизајнот. Тоа го изведоа со неверојатен приказ на 6 врзани модели кои подоцна беа ослободени и ги покажаа своите дизајнерски парчиња облека.


Второто шоу го отворија серија ансамбли на НАНА МИНИМАЛ, кои зрачеа со минималистичка естетика со младешка енергија, чисти линии и футуристички акцент, кои ја надополнуваа модерноста и софистицираноста на изложената облека, а интерактивните проекции и динамичните светлосни ефекти ја трансформираа пистата во простор за иновации и имагинација.

Истото продолжи во слична насока, меѓутоа доминираа сериозните дизајнерски парчиња на колекцијата на НАНА, која демонстрираше не само уметност и талент, туку ја пренесе публиката во место со мирна убавина и безвременска мода, која е доказ за нејзината трансформативна моќ како уметничка форма.


Последна во агендата беше ревијата на Технолошко - технички факултет при Универзитет Гоце Делчев, под менторство на вонреден проф. д-р Сања Ристески, кои за прв пат ни ја покажаа својата нова колекција што ја доживеавме како излив на креативност и смело експериментирање. „ЕКЛЕКТИК“ беше прослава на мешање и усогласување на стилови, текстури и дезени за да се создаде уникатен и впечатлив изглед. Манекенките се прошетаа на модната писта во комбинации кои комбинираа винтиџ со урбани рабови создавајќи визуелна гозба за очите што ја маѓепса публиката.


Еден извонреден изглед се одликуваше со долг фустан и големи крилја кои доби повратни коментари од публиката како ремек дело. Ова ја покажа способноста на дизајнерите да најдат убавина во неочекувани комбинации.


Овој ден, пистата на Shtip Fashion Days беше исполнетa со дизајнерски парчиња на докажани дизајнери и студенти кои ја разиграа и реинкарнираа старата хала во поранешната фабрика за џинс Македонка на начин кој до сега не сме го виделе на македонската модна сцена.