(ВИДЕО) ДОМА НЕ МИ ЈА РАЗБРАА ПЕСНАТА: Жени од целиот свет во спот на Дарио
Кантавторот Дарио го промовираше спотот за песната „Што е мое ќе си дојде“, препеана на српски јазик, „Što je moje to će doći“. Видеото е колаж од снимки од луѓе од цела поранешна Југославија но и од неколку европски земји, Австралија и Америка како ги пеат стиховите. Песната стана химна на „Вортекс“ програмата на познатата хрватска мотивациска говорничка Ана Бучевиќ. Во видеото, на крајот се појавува и Дарио, сниман во Скопје, композиторот Кристијан Габровски, како и неговата ќерка, Андреа.
Пред неколку месеци, Бучевиќ одржа семинар во Скопје и тогаш за прв пат се сретна со македонскиот музичар. Претходно, песната на Дарио на Ана ѝ ја пратила неговата ќерка Андреа.
„ Кога ја слушнав песната на Дарио и стиховите, знаев дека тоа е вортекс песна, ме воодушеви. Ако верувате дека во животот ќе ви дојде токму она кое што ви припаѓа, и ако сметате дека сте еден од оние кои по секое паѓање во животот брзо стануваат, веднаш слушнете ја оваа прекрасна песна“, изјави Ана Бучевиќ за соработката со Дарио. На своите инстаграм профили, жените од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора кои ја следат работата на Бучевиќ, објавуваат инспиративни видеа пеејќи ја песната. Некои од нив пеат на плажа, некои на прошетка, некои додека готват, и токму тоа е приказната на спотот. Стиховите: “Што е мое ќе си дојде, сѐ друго оставам да пројде,“ станаа регионална мотивација.
Дарио со ќерката, сопругата и со Ана Бучевиќ
Македонскиот кантавтор, за Женски магазин изјави дека му е жал што песната, која ја промовираше пред две години како водечка на албумот „Ако силно посакам“ во Македонија луѓето не ја препознале.
„ Песната има силна порака, уште од денот кога ја промовирав, и жал ми е што многумина кај нас не ја разбраа. Овде изгледа луѓето само на политика мислат. Откако договорив соработка со Ана Бучевиќ, регионалната верзија на песната има околу 11,000 прегледи на јутјуб дневно, а се пушта и по радијата во поранешна Југославија. Ја снимвме во студиото на мојот соработник Кристијан Габровски, чија мајка е хрватица и ми помогна за новата верзија на текстот“, ни изјави Дарио.
Бучевиќ е автор на неколку бестселери и најпозната мотивациска говорничка во регионот. Нејзините предавања до сега мотивираа стотици илајди луѓе да го променат животот на подобро.
М. Џаровска