Власта е глува на нашите барања, сами кастрираме и вдомуваме: Интервју со Венера Петкоска

Стационарот „Вардариште“ треба да се реновира од корен. Таму треба да се вработат луѓе што сакаат животни, што имаат тронка емпатија во себе, лица што ќе знаат дека работат со живи битија кои чувствуваат глад, болка и љубов, вели нашата соговорничка од Асоцијацијата на активисти за права на животните

Судејќи по интеракцијата на социјалните мрежи, во Македонија расте свесноста кај луѓето за помош и за вдомување на бездомни животни. Сепак, иако сè почесто граѓаните пријавуваат насилство врз улични кучиња и мачки и расте хуманоста и грижата кон нив, сликата на терен со години не се менува. Зошто е тоа така ја прашавме Венера Петкоска, активист во Асоцијацијата на активисти за права на животните (ААПЖ).

* Бројот на бездомни кучиња и мачки со години не се намалува, сликата низ градот останува иста. Ако расте свесноста меѓу луѓето за заштита на животните, тогаш во што е проблемот?

- Откако се појавија здруженија за заштита на животни во Република Македонија и откако се води кампања за вдомување на мешанчиња, за нивна стерилизација и кастрација, можам да потврдам дека свесноста е многу поголема. Тврдам дека последниве неколку години стана тренд да се вдомуваат повеќе мешанци што е за поздрав. Не можам да тврдам дали сликата низ градот е иста, но можам да потврдам дека стационарот „Вардариште“ кој е отворен во 2007 година со цел по природен пат да се намали бројот на бездомни животни конкретно во Скопје, не си ја работи адекватно работата. „Вардариште“ е отворен за да залови од одредена локација, да стерилизира, вакцинира и да се врати таа единка од каде е земена. На тој начин веќе би имале една исконтролирана ситуација и средина, без собирање на чопор, без раѓање на нови единки. Но, одговорните од „Вардариште“ наместо да го работат тоа, решија дека има друг начин на решавање на проблемот за кој ние тврдиме дека е неефикасен, што впрочем се покажува во пракса. И наместо да го вратат на иста локација веќе заловеното куче, истото го снемува и на тоа место се појавува ново. Кутрињата мигрираат и се населуваат. Затоа и општиот впечаток е дека состојбата останува иста. Тврдам дека ако не се здруженијата и некои поединечни активисти ситуацијата ќе биде уште полоша. Сакам да кажам дека ние, без помош на Градот години наназад сами стерилизираме, кастрираме и вдомуваме кутриња.

Петкоска: Во повеќето држави животните веќе се третираат како суштества со чувства кои подлежат на болка иста како кај човекот

* Што треба да се направи за стационарот „Вардариште“ да профункционира и да ги задоволи основните потреби на животните?

- Да се реновира од корен. Како фасилитет воопшто не е лош, но одржувањето со години наназад е катастрофално. На повеќето кои во моментов работат, таму не им е местото. Треба да се вработат луѓе што сакаат животни, што имаат тронка емпатија во себе, луѓе кои треба да сфатат дека работат со живи битија кои чувствуваат глад, болка, љубов. Таму треба да работат луѓе кои се одговорни, таму треба да работат ветеринари што си ја сакаат работата. „Вардариште“ треба и мора да се отвори за соработка со здруженија и со волонтери. Мора да биде од отворен капацитет, луѓето да можат и после работа и за време на викенд да доаѓаат да разгледаат и да вдомат кутре. Во моментов, стационарот работи од вторник до сабота од 10 до 14 часот. Кажете ми дали вие познавате некој што би излегол од работа за да оди да вдоми кутре? Јас лично не. И секако „Вардариште“ треба да работи по програмата „Фати, стерилизирај, врати“. Да се остави простор од 15 дена, на тоа кутре да му се даде шанса за дом, а не во истиот момент да се враќа таму од каде што е земено. Ние како Здружение, па и јас лично имаме толку идеи како тоа треба да изгледа, но за жал другата страна многу често останува глува. Имаме оформено работна група за „Вардариште“ од страна на Град Скопје, но еве веќе трет месец, поради бирократски причини, не сме поместени од место што искрено многу фрустрира. Треба да се отвори веб-страна каде секое кутре ќе се слика, ќе има информации, страната редовно ќе се апдејтува и ќе се промовира. Па доколку некој не може да дојде до „Вардариште“, секогаш може да си го избере својот иден миленик и на тој начин.

„Сме имале вдомувања кои траеле и по година и половина, а за тоа време кутрето било во пансион кој нè чини по 6.000 денари месечно“

* Како дел од мерките за заштита на бездомните животни е и стерилизацијата која, како што во една прилика изјавивте, сè уште е табу-тема кај нас. Зошто?

- Сè уште тврдам дека е така. Навистина не можам да си дадам објаснување, но и повеќето ветеринари многу често се ставаат во позиција да кажат дека е убаво еднаш да се спари кучето, па потоа да се стерилизира без притоа да дадат релевантни факти зошто е така подобро. Кога тоа им се сервира на повеќето сопственици се создава став дека прават добро за својот миленик и ние сме немоќни да ги убедиме повеќето од нив дека секое спарување и намерно производство на нови единки значи и зголемен број на улични кутриња. Многу често дебатирам на оваа тема и секогаш ми одговараат дека веќе имаат на кого да ги подарат или евентуално продадат малите кутриња. На ова им реплицирам дека првото легло ќе знаат кај ќе отиде, но што со леглото на ова легло и така до недоглед. Дали се свесни и сигурни дека некое од нив нема да заврши на улица? Тврдам дека повеќето кои подаруваат миленичиња подоцна не проверуваат дали се добро чувани. Истово важи и за оние кои се декларираат како одгледувачи, повеќето само сакаат да ги продадат. Ретко кој од нив размислува за бенефитот на кутрето. Не можеме да ги убедиме луѓето дека тоа е еден магичен круг во кој за жал некое кутре останува на улица, се пари, се раѓаат нови и се вртиме во круг. Јас имав пет кучиња и сите беа стерилизирани и кастрирани.

Венера со најблиските соработнички и соЖиле, кучето-херој од Попова Шапка

* Многу често сме сведоци на насилство врз животни, на вознемирувачки содржини пласирани на социјалните мрежи. Сторителите јавно ги прозивавте, но колку од нив беа и казнети? Што велат Вашите информации?

- Има неколку случаи добиени на суд, но ништо спектакуларно. Сè додека државата не одлучи со еден случај да даде пример дека тоа злоупотребување кон животните нема повеќе да се толерира, ќе останеме на ова ниво. Сакам да истакнам дека во поголемиот дел од светот, во државите со поразвиена култура и свест кон животните веќе има затворски казни. Веќе во повеќето држави животните се третираат како суштества со чувства кои подлежат на болка иста како кај човекот. Но, ние сме далеку од тоа. Доволно е да ги споменам секојдневните борби на кучиња што се објавуваат и се промовираат на социјалните мрежи и на „Пазар 3“. Постојано сме реагирале со адвокат до Агенцијата за храна и ветеринарство со посочување на линкови каде точно се наведени имиња и локации. За жал, ништо конкретно не е преземено, против никој учесник.

* Кои се најголемите предизвици со кои се соочува Асоцијацијата на активисти за права на животните?

- Наоѓање дом и обезбедување финансии за лекување. Секојдневна борба е ова. Ние сме организација која од своето формирање до денес секое кутре или маче кое сме го земале под наша грижа, не е оставено пак на улица. Сме имале вдомувања кои траеле и по година и половина, а за тоа време кутрето било во пансион. Пансион кој нè чини по 6.000 денари месечно плус храна.

Инициравте и петиција за полиција за животни. Дали на ниво на Здружение досега сте имале можност да поразговарате на оваа тема со претставници од институциите?

- Не и мислам дека нема никаква амбиција за да се реализира нешто такво.

Ѓорге Стојанов