Водиме војни
Водиме војни
Бесмислени и бесконечни
Во кои победници нема
Или сите завршуваат со победа
Која е јалова и пирова
Полна умор и непотребни жртви
Водиме војни
Како добро обучени војници
Кои не знаат за што се борат
Ниту пак некаква визија имаат
За подобар ден
Или за подобро утро
Водиме војни
За територии и моќ
За пари на кои крв има
За божемни идеали
Неизживеани апетити
Од умови кои се болни и патетични
Водиме војни
За се’ што неважно е
Додека молчиме за љубовта
И за борбата која таа ја заслужува
А во која нема паднати борци
Ниту земја натопена од солзи
Водиме војни
Или поточно кажано
Војните манипулираат со нас
Та и веќе не знаеме зошто војуваме
Оти до толку е скапа цената
Која сите до еден ќе ја платиме
Водиме војни
И војните не’ кршат како прачки
Од кои ниту оган за в зиме не се пали
Ниту пак од нив цвет изникнува
За да украси нечиј ревер
Или коса на прекрасна мома
Во овој чуден и суров свет
Во кој покрај сувото и суровото гори
Војни се водат за смрт наместо живот
И за помен наместо спомен
За гробници полни нечии деца
А без име озгора, без трага дека постоеле
Водиме војни
Најмногу во себе
И најмногу со себе
Со сопствените демони
И со страшилата кои во душите ни спијат
А кои се хранат од нашиот страв
Дур војни водиме без да се запрашаме
Чуму и кому слугуваме
Ана Бунтеска