Жени! Мајки! Сестри! Баби! Кралици!

Добивај вести на Viber

Педесетина жени, мајки, сестри, баби, пријателки, кралици. Една поинаква дружба викендов се одржа во Скопје, настанот Skopje Fancy Women Bike Ride кој дефинитивно го направи денот поубав. 

Оваа година во 100 града низ светот, вклучувајќи ја и нашата метропола, на ист ден, жените покажаа дека се полово, умствено и интелектуално рамноправни, а возењето велосипед е моќен начин жените да бидат приметени во општеството и со него на сосема поинаков начин да се поврзат со градот.

Овој настан датира од 2013 година. На 22 септевмри пред шест години од страна на Селма Гур од Измир преку ФБ настан е промовирана идејата за инволвирање на што поголем број жени на велосипед. Се организира секоја година на датумот кога се празнува No Car Day во рамките на европската недела на мобилност. Оваа година семејството на градови кои го поддржаа овој настан се искачи на 120, меѓу кои и Скопје за првпат. Организатор на Скопскиот настан беше Александра Станковска по одобрување од организацијата Fancy Women Bike Ride. 

- Целта ни е што повеќе обични жени да ги мотивираме да го користат велосипедот како превозно средство, каде освен спортскиот велосипедизам и ние „обичните“, вработени, невработени, млади, возрасни, дотерани, од сите вери и нации, освен што ја поддржуваме каузата за заштита на животната средина, сакаме да промовираме и здрав начин на комуникација со градот. Нашето мото е „Градот да мириса на нашите парфеми, не на издувни гасови“ - порачува Станковска.