ИЗНЕНАДЕНА!!!

Добивај вести на Viber

Јас по природа, а богами и по општество, сум градско дете. Плетенката преку лево, другото лево рамо и стомната ми се само асесоари. Пуста желба да бидам прифатена од околината…спонтано да бидам прифатена од околината. Само милом, никако силомБидејќи со сила убавина не бидувало. Или бидува? (ги крева рамениците збунето). Од кај па јас да знам тоа. Јас сум убава јер сам дете љубави, а брат ми…е па брат ми е планиран. Затоа е таков, понеубав од мене. Во зградата на улица Илинденска, во ладниот месец Декември, Сонцето греееше за младото моме, да не речам невинашче, кое гордо се движеше низ ходниците. Не играше по ходници, бидејќи за плесање висока ѝ пета. Во едната рака бајадери, во другата врвче на кое е врзано пластично камионче играчка. Во камиончето прстен со цел рудник дијаманти на него, инсулин и маска за швајцување. Бајадерата е за частење, инсулинот е за да не станеш хиперактивен од дводневното частење и маската е за ако сакаш да го погледнеш прстенот, без трајни последици за твојот вид. И така среќно и весело до вчерашното збунето девојче влегува во канцеларија со многу жени. Две жени муабет, три жени интернет. Микрософт, гугл и гмеил на едно место, за просечна плата со платени придонеси. Со едната рака поднаместува абажур фризура, дискретно прочистува бело грло да го привлече вниманието на панаѓуров. Кажува што има, а сите почнуваат да употребуваат непотребни вишок децибели и да мавтаат со рачињата од среќа. Сите имаат барем по еден Оскар за глума во долапче. Моментот на изненадување: ЈА ПОБАРАЛ ЗА ЖЕНА!!! Сите изненадени! И таа самата изнанадена! Изненаденост лебди во воздухот. Со нож да сечеш и да ја послужуваш како пача комотно. Сите скришно хукаат на оскарите и со магична крпа ги лштат, задоволни од својата изведба. Каде ли замина девојчето што беше збунето пред еден месец и од каде се појави оваа млада дама со стил, која не дозволува славење со трубачи и чочек? Хаљина ѝ смета де… Пред сите се појавува еден голем облак, во него бледа слика и нарација на Џемс Ерл Џонс со македонски превод во долниот дел на облакот, како потсетување на скорешна случка. Истиот WWW состав, изненадената е во збунетата фаза и со неодговорени прашања пред себе и оловни гуливерови прашалници над себе. Сите молат бога, буда и сè што е врховно, стискаат крстови и други тотеми во испотени дланки, се само да не се тука кога ќе се одзбуни малава. Некој ќе настрада од падот на прашалниците. Невините секогаш крварат. - Како може него да не му текне да ја побара?!?! КА-КО??! Ете скоро 8 лета господови се на залез, а тој ништо. НИШ-ТО! Сево ова кажано со висок тон на збунетост, каде сите зборови се делени на слогови и спротивно од правилата на македонскиот јазик, секој слог е нагласен. Драмата е очигледна! Нема музика! ДО СТИЛОТ Е! Се освестуваат сите од флешбекот и некој конечно прашува што било, како било? СЕ БИЛО СПОНТАНО! Таа била изненадена. Нагласувам ИЗ-НЕ-НА-ДЕ-НА!! Две недели пред крајот на годината, спонтано му кажала дека ако до 31 Декември не ја побара за жена, ќе го остави! Сосема спонтано го насадила ко вол во купус. Можела и посуптилно да го насади. Можеле да и бидат неплодни сите 32 дена во Февруари, или можела да е неплодна за век и вечни векови, бидејќи прележала бруцелоза како бебе. А можеби како мала прележала заушки, па не може да голта. Фер била. Речено-сторено! Мажјакот со Софија класа АА ту пек во гаќи докажал кој е муж во куќа! Се прашувам колку ли е убаво да си спонтано изнанадена? Дали е исто чувството како кога правиш кајгана? За Женски Магазин, Огнените Ѕверови на Дамјана