Животна училница // Приказни
„Културните луѓе не позираат, тие се однесуваат еднакво и на улица и во својот дом“ – Генијални совети од Чехов
„Животот има свои услови. За еден човек да биде прифатен меѓу образованите луѓе, тој мора да биде културен“, му порачува во едно писмо до својот брат рускиот писател Антон Павлович Чехов, составувајќи список услови кои ги исполнуваат културните луѓе:
- Тие ја почитуваат човековата личност и затоа секогаш се љубезни, внимателни, учтиви и подготвени да им помагаат на другите.
- Сочувствителни се кон сите, а не само кон просјаците и мачките. Се грижат и за она што не се гледа и подготвени се да се жртвуваат за да им помогнат на другите.
- Искрени се и ја презираат лагата. Не лажат дури и кога станува збор за најмала ситница. Лагата го навредува слушателот и го смалува во очите на говорникот. Не позираат, се однесуваат исто и на улица и во својот дом, не се прават важни пред своите поскромни пријатели. Не се склони многу да зборуваат, ниту да ги оптоваруваат другите со своите исповеди. Од почит кон туѓите уши, тие повеќе молчат, отколку што зборуваат.
- Тие ја почитуваат туѓата сопственост и затоа секогаш ги враќаат своите долгови.
- Не си ја намалуваат вредноста за да предизвикаат сожалување кај другите. Не играат на картата на туѓата чувствителност за да освојат внимание. Не велат дека нив никој „не ги разбира“ или „никој не се грижи за нив“, затоа што тоа се евтини и вулгарни трикови.
- Не патат од плиткост. Ним не им е грижа за лажните вредности, познанствата со познати личности или за тоа и самите да бидат познати. Ако направиле нешто значајно, тие не креваат прашина за тоа и не се фалат со тоа дека имаат пристап таму каде што другите немаат. Вистински талентираните луѓе секогаш бегаат од фалењето и рекламите.
- Имаат развиено чувство за убавина и естетика. Не одат на спиење во облеката што ја носат секој ден и ја одржуваат чистотата на животниот простор. Водат сметка да ги контролираат своите нагони и да не го гледаат спротивниот пол само како сексуален објект. Тежнеат по оригиналност, отменост, човечност и им се восхитуваат на мајчинските чувства. Не се опиваат, туку пијат алкохол само во посебни прилики. Се држат до начелото „во здраво тело, здрав дух“.