5.000 ЕВРА ДАВАМЕ САМО ЗА УЧЕСТВО: КОЛКУ НЀ ЧИНИ ДЕТСКАТА ЕВРОВИЗИЈА?

Добивај вести на Viber

Тимот го определува менаџерскиот тим на МРТ и тоа е внатрешна политика на куќата. Дали треба нешто да се менува или не, не можам јас да кажувам, ни изјави Раде Спасовски, шеф на македонската делегација, кога го прашавме дали чувствува морална одговорност да се повлече од функцијата поради лошиот пласман на нашите претставници 

Македонската радио телевизија (МРТ) и годинава праќа наш претставник на „Детска Евровизија“ без особена стратегија за повисок пласман. И покрај лошите остварувања кои во континуитет ги бележиме на ова престижно музичко натпреварување, менаџментот на националниот сервис одлучи истиот тим да ја предводи нашата делегација и на годинашното шоу закажано на 25 ноември во Минск, Белорусија каде овојпат ќе се натпреваруваат рекордни 20 држави.

„Женски Магазин“ го контактираше Раде Спасовски кој со години е шеф на македонската делегација која патува на овој избор. Освен што ни потврди дека МРТ издвојува 5.000 евра само за котизација, не сакаше да зборува за финансиската конструкција на целиот пакет кој чини многу повеќе кога во буџетот ќе се додадат патните трошоци на членовите на нашиот тим, тамошниот престој и евентуалните рекламни материјали.

- Тимот го определува менаџерскиот тим на МРТ и тоа е внатрешна политика на куќата. Дали треба нешто да се менува или не, не можам јас да кажувам. Не би било во ред да се фалам, така да ова прашање не е за мене - ни изјави Спасовски кога го прашавме дали чувствува морална одговорност да се повлече од функцијата и покрај тоа што македонските претставници години наназад завршуваат во вториот дел од табелата.

Раде Спасовски, шеф на македонската делегација на Детска Евровизија

Тој е убеден дека МРТ вложува колку што е потребно за достојно претставување на нашата земја.  

- Сметам дека не е сѐ во парите, тие не се најбитни. Треба многу работи да се спојат за да се постигне висок пласман. Претходните две години и Мартија и Мина беа меѓу најслушаните изведувачи, но на крај не направија ништо значајно кога е пласманот во прашање - ни изјави Спасовски.

Тој уште еднаш ни го повтори неговиот став дека децата од Македонија треба да имаат можност да го искажат својот музички талент на европската музичка сцена и дека македонската детска песна треба да се слушне во Европа без оглед на пласманот. Шефот на нашата делегација е исто така убеден дека и годинава имаме одличен натпреварувач. Ни откри дека нашата претставничка, скопјанката Марија Спасовска (13), на сцената во Минск ќе настапи сама.

- Овојпат ќе се претставиме со нешто поразлично. Концептот е сличен како оној на спотот, но не е ист - информира тој.

Нашата претставничка Марија Спасовска

Официјално, во нашиот тим се тој, Марија, авторот на композицијата Дарко Димитров, но и шефицата на евровизиска делегација Мери Попова, овојпат како уредник на забавната програма на МРТ. Токму таа веќе подолго време е на тапет на македонската јавност поради катастрофалниот скор на Македонија на „Евросонг“. Дознаваме и дека сѐ уште не е одлучено дали таа како и Спасовски ќе остане да делегира со нашиот тим на „големата Евровизија“ за која исто така веќе го потврдивме учеството.

Ѓорге Стојанов