Ана Бунтеска: aко ти кажам дека те љубев

Добивај вести на Viber

ако ти кажам дека те љубев

ќе ти измамам насмев

или со потсмев ќе ме нагостиш

ќе знаеш ли дека љубовта која ја носам

не е твоја, ниту пак моја е

туку дека таа во мене постои

од моментот кога сум зачната

ќе знаеш ли дека не е за фаќање кусур

ниту за на кантар ставање

или пак, ќе мислиш дека можеш со неа да тргуваш

како во обичен пазарен ден

ако ти кажам дека те љубев

ќе си останеш самобендисан

или тивко во себе ќе се помолиш да ти се вратам

дали

дали ќе знаеш дека не можеш к’о дете

со љубовта да си играш

оти таа не е хартија за да ја потпалуваш

или со ножици од неа оригами да правиш

ниту е глина за да ја обликуваш

а најмалку е храна за да ја изџвакаш и исплукаш

таа е пламен

оној кој запретаното во тебе ќе го разгори

за да те стопли однатре

и да засветиш однадвор

таа е сила од која создаваш

и ѕвезда која во темнина свети

таа беше јас во твоите раце

и телото мое залепено до твоето што мируваше

таа беше воздишка и полна рака црвена коса

и зелени стакла во кои себе се гледаше

таа беше сè, освен она во што ја престори

еве, ако сега ти пишам и ти кажам дека те љубев

ќе знаеш ли дека песниве за тебе не се

туку за мојата љубов која сосем случајно тебе те одбра

и која полека те напушта и си оди без да се заврти

без збор, без збогум, ниту поздрав

оти таму кај што љубов не си засеал

мојата пресушува и во мене останува

оти ќе умре само тогаш кога мене ќе ме нема

а дотогаш, дотогаш некој друг од неа ќе свети

и јас покрај него свој пламен ќе имам

оти и свеќа гори од друга ко ќе се запали

така и љубовта моја за тебе што гореше

и секоја песна за тебе што беше

дур’ не секна

и назад во мене, ете дома се врати

ќе ти биде ли мака

ако ти кажам дека те љубев

некогаш

одамна


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска