Ана Бунтеска: Бакни ме...

Загризи ме до бол,

зариј ги забите во моето месо,

таму, да токму таму,

над левата града остави ми лузна,

а потем излижи ја,

не за да не боли,

туку крвта да ми ја вкусиш.

Остави нека клука местото,

одамна тој бол не е мој,

не го чувствувам,

како туѓо да е телово,

се лечи со млаз жешка вода,

неколку стихови

и чаша вино.

Бакни ме до бол,

небаре можеш со бакнеж да ме убиеш,

влези во мене не допирајќи ме,

освен со усни натежнати врз моите,

бакни ме начин на кој ќе знам,

ќе сетам,

дека до срцето ме чуваш.

Остави нека гори,

одамна тлее тој оган во мене,

како вжарени јагленчиња,

во душава копнежи се собрале,

нека се разгорат,

нека стопат, нека стоплат,

љубовта да ми ја одмрзнат.

Бакни ме,

онака како што се бакнува жена која те љуби.

Бакни ме,

онака како што се бакнува жена што е љубена.

Бакни ме,

како да си се нашол себе во мене,

како да си ме нашол мене во себе,

како да си ме препознал од некои дамнешни љубовни приказни.

Бакни ме,

со моќ на животот при раѓање,

со сила на смртта при умирање.

Бакни ме...


За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Претходната песна на Ана ја имате ТУКА