Ана Бунтеска: Бев ТИ, во сонов ТИ станав
Сонив дека мртва сум, а ти птица,
на левово рамо вгнездена,
црна, голема, без едно око птица,
со тешки крила, замрсени во косава,
со сласт од раната на рамото ми колваше.
Да, ти птица беше, како зимска ноќ црна,
од оние кои не пејат, туку само врескаат,
слепа на едно око, а ќора во срцето,
со зариена со нокти во месово,
а јас бол не сеќавав, оти во сонот мртва бев.
Потем сонив дека славеј сум,
а ти кафез мој, во окото твое заробена,
на душава гробје од мечти пеплосани,
во срцето црн коров кај му никнал,
славеј кој песни за смртта пее.
Да, ти кафез беше, со решетки од злато,
цврсто заклучен и скриен од среќата,
во градите вечно да ти останам,
за ден да не видам, ниту дожд,
со тага место песна во грлото,
занемена, оти мртов славеј бев.
Бев ТИ, во сонов ТИ станав,
та кафезот ширум го отворив,
славејот занемен да го ослободам,
да полета надвор, сиот да растрепери,
пред во срцето песната да му замрзне, да го убие.
А во овој мој чуден сон, ти не стана ЈАС ниту за миг,
остана птица, со тешки крила, моќна и врескава,
црна, ќора на едното око, во косава заплеткана,
остана ТИ, остана она што отсекогаш си бил,
со крв на раце од љубов убиена.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска