Ана Бунтеска: Целиот мој живот еден ден на телово ќе го ставам

Некогаш ми доаѓа животот на телово да си го испишам,

сите стихови на кожа да ги навезам,

со мастилно пенкало зборови да си истетовирам,

со едно од оние, старинските,

со остро перо, та нека боли, не ми е грижа.

Под левата града за љубовта ќе пишувам,

онаа од која душава ми е исткаена,

а под десната сакам една ѕвезда да нацртам,

да изгледа жива, небаре ќе блесне секој миг,

и неколку капки вода околу неа.

На дланките желбата по тебе ќе си ја испишам,

ќе ти ја опишам болката од копнежот за да те допрам,

чувството на оргазмична среќа кога кожата под прстиве ќе ти ја сетам,

небаре така, ако си кажам, ќе ми олесни,

небаре празнината со зборови може да се пополни.

На нозеве страста ќе ја натокмам,

со сите нежни и безобразни зборови

кои ги боеја ноќите дур во мене преспиваше,

зборови како од кутија за накит извадени,

проткаени со сите наши воздишки.

На плешкиве крила ќе си нацртам,

на нив за летањето во себе ќе говорам,

за крилата со снежни пердуви што сама си ги сосеков,

од пусти страв дека ако полетам,

никогаш не ќе посакам да ти се вратам.

На вратов ѓердан од солзи ќе нанижам,

ќе ги напишам, кога веќе да ги исплачам не можам,

ќе ги наредам околу гркланот за да стегаат,

како ортома да притискаат

и при секој обид да ги извадам, само повеќе да ме затегаат.

На стомакот сите зборови за нашето неродено чедо ќе ги ставам,

да се впијат во кожава, небаре корења ќе пуштат,

небаре плод од нив, наш плод ќе никне,

како да можам сега, на овие години,

да родам уште еден сон.

Само лицето чисто ќе го оставам,

оти на него очиве зборуваат,

и дур се отворени и бистри за се’ ќе раскажуваат,

од светлината мракот ќе го впиваат,

а во темното патот ќе го покажуваат.

Ете, целиот мој живот еден ден на телово ќе го ставам,

и така гола, надвор ќе излезам,

со раширени раце и поглед кон небото, дождот ќе го чекам,

за се’ од мене да измие, секој пишан збор да го сотре,

за да никне нов живот и нови зборови на телово да се испишат.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска