Ана Бунтеска: Да ми беше, да ти бев
Да ми беше ден
Та од изутрина во тебе да се искапев
И на изгрев да замирисав
Од исток да се разбудев
На запад да ти заоѓав
Да ми беше ноќ
И во тивка квечерина
На трпеза полна да седеше
Ти од едната страна а јас карши тебе
Во спокој кроце да вечеравме
Да ми беше вода изворска
Снага да си оладев
Во бистро синило очи да одморев
Од камења ѓердан да направев
Та на ветар коси да исушев
Да ти бев постела
Во која мирно ќе спиеше
И на усни во сон насмев да имаше
Во бела руба облечен
Ко некогаш млади ко бевме
Да ми беше шума зелена
Та боса низ неа да прошетав
Со цвет меѓу градите
И зелено од лисјата во очите
Да те подишев пред стемнување
Небо
Небо твое да бев
На кое во облаци
Форми на љубов ќе бараше
Та ко дете да им радуваше
Со кикот од кој се’ околу ќе ечеше
Да ми беше
И да ти бев
Можеби и ќе останевме
Куќа ќе си закуќевме
Оган топол ќе распалевме
За на старост коски да топлиме
Та во секоја одаја кандилце ќе клаевме
На чисти души домот да ни мириса
На тебе
На мене до тебе
На долги ноќи
И деној полни смеа
Да ми беше
Ех, да ми беше
Тоа што веќе не си ми
И да ти бев
Да ти бев она што никогаш повеќе не ќе ти бидам
Ниту ти ниту јас сами ќе бевме
И секој сам по сам
Изгрејсонцето со тежина ќе го гледаше
И за ноќ без кошмари немаше да молиме
Само да ми беше
Само да ти бев
Само да си бевме
Љубов да си останевме
За Женски Магазин, Ана Бунтеска