Ана Бунтеска: Допивање на вистината

Добивај вести на Viber

Вино

со сеништа во човечка кожа

зад ликовите лаги

светнати прасечки очи

искривени насмевки

наострени колци во устите

змиски јазици

и отрови во душите

Вино

после првата чаша грст зборови

се прпелкаат низ масите

ги валкаат чаршафите

и паѓаат како трошки

изгазени од чифт нови чевли

разнесени по улици

налепени на ѓоновите

Вино

накарминисани  заби

гласна смеа која звучи како навреда

запотени тела

ослободени демони

кловновски манири

пијани мисли полни забранети љубови

разлеани сокови на нечиј чаршаф

Вино

со белото сите гревови се измиваат

со црвеното душите се бојосуваат

бревтање на цревата во стомаците

во грлата блуење

смрдливи здивови

силувани соништа

полудени семиња во утробите

Вино

ја допивам чашата

парчиња стакло во устата

дур ги џвакам сите мисли за тебе

со вкус на вино и крв

те гледам без да те видам

со чувство на гадење и празнина

заминувам...без збор


За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски