Ана Бунтеска: Дур не станам мисла, полна вриеж, полна живот

Добивај вести на Viber

Ми тежи

кај градите притиска

онаму, зад коските

кај мекото, кај убавото,

таму мислата за тебе ми тежи

како од олово

а сепак пердувеста и нежна

болна

а треперлива и љубовна

таму ми врие

кај што ми е големото тик-так

каде што зачнувам зборови

душата легло кај што има

рацете кај што ги ставам

кога на тебе мислам

дланките кај што ми спијат

кога во срцето ми ѕемни

таму ми врие, ете таму

мислата на тебе ми ровари

ме смее

растажува

расплакува

ми бои сенки под очите

ми ги румени образите

ми застанува кај грлото

ме топли во стомакот

ме буди

ме прави дете

и жена

љубовница

бршлен кој околу тебе се обмотува

и повторно во градите ми се враќа

и ми ечи од внатре

ме нагризува од страв

а потоа од страст

и низ телово се врти

побрзо и побрзо

дур не станам мисла

полна вриеж

полна живот

во твоите гради вгнездена.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска