Ана Бунтеска: Ех, таа пуста туѓина
Од туѓината во срцето да се плашиш
не од онаа кога луѓето далеку од очите ти се
оти така ќе замижиш и ликот ќе им го видиш
та усните во насмев ќе ти се сторат
и чиниш рака да пружиш ќе ги погалиш
ко да нема далечина која можи да ги стопи
ама туѓината во срцето
таа пиле
таа е неуба кога чоек до тебе седи
а како да е толку далечен шо не го сеќаваш
и да го доприш
ко низ воздух раката да ти минува
ниту топлина има телото негово
ниту утеха ти дава ко ќе те гушни
нема подалечен чоек од оној
кон кој срцето ќе ти се излади
та не можиш да се присетиш на ниеден убав збор
го гледаш
а како да не го познаваш
и ништо појќе не ти игра за него во душата
туѓината во срцето не се мери со изоден пат
ниту со минути поминати без чоекот
како да не бил
како никогаш да не ти се случила љубов со него
како никогаш душите да не ви се допреле
а телата ко да не ви трепереле еден за друг
туѓината во срцето е најболна
оти долго трае дур ти се олади копнежот
ко јадење подгревано со деној
та еден ден и топло ко ќе е
го нема веќе истиот вкус
ти станува блуткаво и горко во устата
и џабе со вино ќе наздравите
ко виното појќе низ грлото не ти се лизга
и само чекаш тапоста да ти мине
да се навикниш дека во срцето некој ти умрел
ко шо си се навикнала дека тој за тебе не е
ниту дека можи некогаш да стани она што тебе ти треба
ко ќе си доволно силна за си признајш
оти се’ шо си сакала во него во умот само ти било
оти тоа не е тој-твојот убав чоек
та потем време минува
и не го мислиш толку
ниту исто те боли туку само малку подболува
колку да сетиш оти жива си
и да паметиш како не треба
ех пиле
таа пуста туѓина во луѓето голема е
да се одродиш од љубовта
со милоста кон некој да се збогуваш
и животот да си го спастриш
ко алишта спрострени шо во дворот ти биле
та убо да фатиш да си го испеглаш
мазен да се стори
на убо да ти замириса
далеку од нељубовта шо некој во замена за љубов ти дал
далеку од туѓинецот шо некогаш твојата втора полојна бил
шо подалеку од лагите и болката
во туѓина пиле, во туѓина
Фото: Стојан Стојановски