Ана Бунтеска: Епитаф
Те вовлекувам во себе,
заводливо,
нежно,
топло,
те вовлекувам и обмотувам,
од празните очи погледот ти го ловам и те галам.
Сите лузни ти ги бакнувам,
сите болки ти ги лекувам,
сите лаги ти ги одболувам,
сите солзи ти ги пијам,
во себе те завиткувам
душата да ти ја загреам.
Ти простувам,
си простувам,
те покорувам,
љубам,
воскреснувам
и повторно закопувам.
Ти и јас,
јас и ти,
ти без себе,
јас без тебе,
а секаде со себе те носам,
како здив, како во утроба вгнезден.
Те вовлекувам,
во себе те зачувувам,
во крвта те имам,
сите отрови и воздишки,
сите пцости и преколнувања,
сета љубов чувана со векови.
Те оставам да заспиеш во мене,
ти ги бркам кошмарите,
ти го чувам сонот,
откажувајќи се од својот,
те пазам од немири,
дур во срцево сите ги собирам.
Те оставам да ми ја раскинеш утробата,
да ме убиеш со своето присуство,
ме парчосуваш,
ме болиш,
ме болиш,
додека чувствувам како во мене умираш.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска