Ана Бунтеска: Ги затворивме вратите

Добивај вести на Viber

Ги затворивме вратите

И удривме клуч

Озгора и катанец кладовме

За да не ни избега минатото

За да не ни влези иднината

Чунки чекорот стабилен ни е

По рамната линија која ја потцртавме неколкупати

Ги затворивме вратите

И ниту ти

А и ниту јас

Надвор не посакавме

Како невреме полно секавици

Пред прагот да ни се истури

Или само така во душите ни беше

Ги затворивме вратите

За да не ја пуштиме среќата внатре

За тагата да не ни избега

Како миленик од подводник

Кога ќе ја сети слободата

Та ќе забега без трага да му се најде

Иако секогаш се враќа дома

Ги затворивме вратите

И оџакот го заѕидавме

Без на мразот да мислиме

Без дикат за студот кој доаѓа

Од кој мислите ни мрзнат

И срцата ни се ладат

Како на дете носот в зиме

Ги затворивме вратите

Помеѓу секоја одаја ѕид кренавме

И сиот мебел го разместивме

Ѓоамити на ново ќе седиме

Та улави и двајцата се правиме

Оти се’ ни е од убо-поубо

Небаре спокојот треба да боли

Ги затворивме вратите

И сијалиците ги искршивме

За темнината да ни блесне во очите

За да прогледаме однатре

Оти однадвор ќори останавме

И за убост и за грдотија сиромави

Како умрени, како во ковчег закопани

Ги затворивме вратите

Само џамот подотворен го оставивме

Да има ѕирка и проѕирка

Како утеха да ни е

За надеж да влезе како сончевина

За да не ни тежи молкот

На сите врати врати меѓу нас затворени


За Женски Магазин, Ана Бунтеска