Ана Бунтеска: Има утра

Добивај вести на Viber

Има утра кои се полни светлина

Чиниш сонцето в постела ти е

Та е некако топло и меко

Со мирис на спокој во кој тонеш

Во кој утеха од животот наоѓаш

И се’ си има свое место

Како во некоја сложувалка

Која навидум лесна е

А во која ги наоѓаш сите одговори

Дури и на непоставените прашања

Има утра кои се како будење од дамнешен сон

Чиниш со векови си спиел

Та се’ ти е и познато и непознато

Со чувство дека ти е таман

Во чија лулка постоењето лесно ти е

И не ја сеќаваш болката

Како никојпат и да не постоела

Која како бегство од себе ти била

А во која си свикнал да живееш

Дури и тогаш кога чаре немаш

Има утра во чие изгрејсонце се капиш ко дете

Чиниш сите бои на рацете ти седат

Та те радува шаренилото

Со кое денот си го бојосуваш

Во чие траење се потсеќаш на среќата

И не си го враќаш минатото

Како да си се родил токму денес и во оваа секунда

Која е развлечена низ години

А во која учиш повторно како се љуби

Дури и тогаш кога љубов покрај себе немаш

Има утра и малку поинакви

Тмурни и облачни

Чиниш облаците над главата ти лебдат

Та се прашуваш зошто алармот ти звони

Кога и онака времето кусо ти е

Со кое си играш како дете со џамлии

Со издраскани коленца и раце полни земја

Во чиј мирис се навраќаш на детството

За да си ја преродиш младоста

И не ти се станува од креветот

Оти коските како од гума ти се

Како да си некое чудо во циркуз затворено

Кој не го сакаш и во кој не си свој

Ама знаеш дека од оваа кожа во друга не се може

А за која знаеш дека и поткината да е, твоја е

Та стискаш заби и се тешиш оти и овој ден ќе мине

Дури и тогаш кога за инает часовникот ќе ти застане

За да знаеш и на ум да имаш 

Оти и во лошите утра надеж има

Дека утре поарно ќе е

Дека утре поарно ќе ти биде

Ако очи отвориш, ако се разбудиш


За Женски Магазин, Ана Бунтеска