Ана Бунтеска: како витез од нечија бајка излезен
мечуваш наслепо
со дршката силно стисната в рака
и само замавнуваш
ич не гледајќи каде ќе погодиш
или пак кого
но сепак, меч и осет не одат заедно
и ете си
убав и гордо исправен
строен и силен
со светликав меч во рацете
ах, колку убаво ти прилега
како витез
како од нечија бајка излезен
како сон на секоја модерна принцеза
само очите врзани ти се
и како слепец околу вртиш
и замавнуваш
со шкртање на забите
и остро издишување низ нос
а јас пак
јас не сум модерна принцеза
ниту сум исечок од бајка
не чекам да бидам спасена
впрочем
сама од себе не можеш да ме спасиш
и стојам спроти тебе
мечот не ти го есапам
оти на телово она што ќе му го сториш
ќе може да го искрепи
стојам
и се обидувам погледот да ти го уловам
дур ти го чувствувам мечот
некогаш крај образот ми поминуваш
напати кај градите ми подзасекуваш
и не мрдам
ете
наречи ме луда
оти храбра не сум, сигурно
ама стојам и чекам да мине
да застанеш
и очите да ги отвориш
чекам да ме видиш
зошто?!
ама ич не знам
само знам дека врзани нозете ми се
како со синџир околу и камен кој удолу тежи
и стојам
ко улава стојам дур ме касапиш
со надеж дека ќе сопреш пред доцна да биде
ти...витезу
витезу на моево срце
За Женски магазин, поетесата Ана БунтескаФото: Стојан Стојановски