Ана Бунтеска: Кажувам извини ко ќе згрешам
Баба ми беше жена од адети
прва кога се правеа парастоси
на сите верски празници со свеќата в раце
си го тераше редот ко шо треба
со сите салтанаци ко список во глата да имаше
стокмена и испраена со напраена фризура кај Сајмето
уба жена и по лик и по табиет
велат една од најубајте битолчанки на времето
е
таа моја покојна баба не ја сакаше само Прочка
и велеше во лутина
“отепај го чоек преку годината
гази му по душата
срцето скини му го
еден збор арен да не му прогоориш
и после нацртај му се на врата да бараш да ти прости”
баба ми во Прочка не веруваше
а и јас не ја сакам
ете тоа од неа ми останало
иако за се’ друго семката прилепска ми е
и не барам да ми се прости на денот
ниту пак некому простувам тој ден
оти кажувам извини ко ќе згрешам
не чекам
оти чоек денес го има а утре не
и душава да ми е чиста сакам
а ничија да зацрнам неќам
затоа ко ќе ја оплескам
ко кутре со свиен опаш сум
со глата удолу
и молам да ми се прости
ете, табиетлија сум
и ден за простување немам
исто ко што немам ден за љубов
и ден на дете или жена не славам
за мене секој ден е добар
за гревот од плеќи да го симниш
и секој ден е совршен за да го гушниш детето
да му покажиш оти е еден цел универзум
секој ден е сосем арен ден
на оние околу себе да им кажиш дека ти е убо со нив
да им кажиш оти ти се убај луѓе и ги љубиш
оти денот ко ден ќе мине
и само бледо сеќавање од него ќе имаш
ниту ќе се брои
ниту пак во градите ќе ти остани
ама годината полна љубов
годината ќе ти остани
вкусот нејзин во грлото
и тежината нејзина во срцето
и убоста нејна
убоста во душата ќе ја носиш
проштавајте и простено нека ви е
сакајте се
секој ден
секој, секој ден
оти денес тука сме
утре којзнае каде коските ќе ни вијат
а денес
денес е совршен ден за ТЕ САКАМ
За Женски Магазин, Ана Бунтеска