Ана Бунтеска: Кога зјае...
Кога зјае
внатре
кај мекото
како екот
пенџере без ќепенци
таму
во градите
меѓу решетките од коски
кога таму ќе задува
и застуди
како напуштен дом
изгасено огниште
немо и празно
без човечки здивови
ниту зачнување на живот
без детска смеа
со напластен бол на ќерамиди
кога зјае
кај мекото
знаеш?
кај убавото
онаму каде што љубовта извира
таму кога ќе секне
од збор
со збор пресечено
таму боли
ете затоа не говорам многу
оти како жилети се
сечат прецизно
небаре знаат токму каде не треба
и печат проклетите
долго откако раните ќе зацелат
и само лузни ќе останат
кога зјае
како кажано збогум
што одекнува
во празна соба
како ронливи ѕидови
разјадени од мемла
од солзи
од крв
кога зјае
во погледот
во гласот
во умот
и утробата
кога љубовта
во празно гледа
кога зјае…кога зјае
За Женски Магазин, Ана Бунтеска