Ана Бунтеска: Љуби ме во азбука

Добивај вести на Viber

во сите букви можеш да ме најдеш

А-нгел во првиот снег направен

Б-истра вода низ рацете која се слева

В-оздушеста мисла од облак измесена

Г-орлива слика во љубовна ноќ

Д- ете со ќесе гумени бонбони во рака стиснати

Ѓ-аволеста дур те задевам во тивка концертна сала

Е-динствена која знае со тебе да молчи

Ж-елба која се раѓа од твоите препони

З-аводница во сатенски чаршаф обмотана

Ѕ-уница која свети на крајот од твоето око

И-грива и гласна дур со зборови ме скокоткаш

Ј-ас комплетна со твоето ТИ до мене

К-учка со страотен ПМС

Л-акома за твоите бакнежи и допири

Љ-убовница распослана на твојот кревет

М-ајка полна трепет

Н-амќореста дур денот не одмине

Њ-ока која во сласт ја топиш во уста

О-гледало на сите твои желби и копнежи

П-ричина заради која ја засакуваш зимата

Р-анлива и кревка во својата љубов

С-тарица од свои 42 и душа од неколку векови наназад

Т-врдоглава и дрска за глупости дур со тебе се расправам

Ќ-утлива дур зборовите во мене се прекршуваат

У-биствено нежна кога лицето ти го галам

Ф-енер кој за тебе секогаш во темнина ќе свети

Х-рабра за секој удар со насмев да го дочекам

Ц-рцорлива и распеана птица во твоите гради сместена

Ч-околаден десерт на крајот од денот

Џ-окер за сите непредвидени ситуации

Ш-ушумига која на секое “те сакам” од воздух се засркнува

и сите букви во мене можеш да ги сместиш

иако ако мене ме прашуваш

јас ги сакам најмногу оние

од кои можеш да напишеш

едно обично

“те љубам”


За Женски магазин, Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски