Ана Бунтеска: Ме јаде месечината
Ме јаде месечината
и не, не треба да ми кажат кога е полна,
ја сеќавам проклетата, во утробава ми гребе,
без сон ме остава, низ душава ми ровари,
како да се перчи пред мене, како да ме предизвикува,
која од нас две е помоќна да ми го скроти телото.
Умов ме јаде на полна месечина,
како секој пат да ме изненадува со нова мисла,
некоја која не е моја, туку вгнездена однадвор
и ќе ми истекне нешто што не е на арно,
та после си ја одболедувам стуткана в кревет,
како мислите да се настинка кои се лечат со чај од јаболко и цимет.
Ме јаде срцево на полна месечина,
ми се отвораат раните, лузните ми крварат,
никако кутрото да зарасне колку и да го крпам,
а само што ќе здивнам мислејќи дека сум го стомила,
ете, месечината своето ќе си го направи,
па до следната полна, ми отвора многу работа.
Ме јаде матката на полна месечина,
како да се спрема да направи легло за ново чедо,
ме притиска однатре желбата за детски плач среде ноќ,
ми цути љубовта за мирис на нов живот,
небаре ќе заживеам и јас, ќе ми се наполни душата,
за ќерка ми сама, како мене да не остане.
Ме јаде месечината, ме јаде проклетата,
телово ми го јаде, ми ги дроби мислите,
ме растажува и засмејува, ме поболува и лечи,
а во душава славеј ми пее и волци завиваат,
дур под нејзината светлина засадувам семе од зборови,
во матката ги сместувам, за да можам барем да родам…песна.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска