Ана Бунтеска: Не оди убост кај грд чоек

Никојпат не се видело

Ниту пак се чуло

Оти убост можи кај грд чоек да оди 

Чунки убоста на убост се лепи

Како сомун врел

И жолт путер озгора

Како црцор на птици

И пролетно сонце кое ѕирка низ џамот

Како вдишување љубов

И издишување спокој

Ете така се рекло

Оти убоста сама одбира кај кого ќе појди

И на гости, на врата ќе му дојди

И не гледа ликот на чоека каков му е

Ниту дали богат бил

Туку внатре

Внатре во душата му ѕирка

И ако сети оти азно чоек в срце носи

Таму ќе замини за да гоштева со мерак

Оти никојпат не се видело

Ниту пак некојпат се чуло

Дека чоек кој однатре грд е

Можи да сети што е убост

Или на неа да се израдува

Та да ја слави ко куќна слава

Чест да и’ стори

Мелем на рана со убост да си стави

Не оди

Не оди и не ќе оди 

Грд чоек убост да љуби

Оти таквите за светлина слепи се

Глуви за збор меден

Ниту знаат љубов да намирисаат

Не се видело

Не се чуло

Ниту некојпат ќе се види и чуе

Дека убоста одминала арен чоек

Дека грб му свртила

Или пак му се налутила

Оти ако ден и ноќ се менуваат

Ако сонце и месечина светат

Ако плима и осека има

Тогаш убост на убост се лепи

Та ко ќе се залепи

Нема сила која можи да ги одлепи

Оти само чоек кој убост во себе носи

Можи да ја види

Да ја сети

Во себе да ја прими


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска