Ана Бунтеска: Неколку преполовени мисли
прстите си ги засекуваш
со новоотпакуван жилет
само затоа што си гадлив
да го искористиш оној од вчера
засекуваш небаре туѓо е
со прецизни, остри движења
без да ти се згрчи срцето
или лицето да ти затрепери
ги засекуваш хоризонтално
за ништо со нив да не можаш да фатиш
а најмалку за да пишуваш
и како опчинет
сопствената крв си ја гледаш
која е скоро црна
и густа
со мирис на железо
со мирис на бол
зачинет со тага
и убав ти е контрастот
кожата ти свети од белило
со темноцрвени, скоро црни траги
а прстите ти пулсираат
и ти врескаат зборовите низ нив
се тркалаат и паѓаат
скоро безобразно во безредие
се мачат
се дават едни со други
та гледаш како на букви се распаѓаат
а буквите се смалуваат
полека пред очи ти умираат
дур ништо од нив не остане
освен неколку преполовени мисли
на работ од жилетот кои остануваат
и кој во корпа за отпадоци го фрлаш
само затоа што гадлив си
и од себе....гадлив си
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
ФОТО: Стојан Стојановски