Aна Бунтеска: Од врвовите на прстите напукнувам
во дваесеттите лесна ми беше љубовта
зашеќерена со илузии
надуени емоции
воздушеста и улава
без многу мислење
а уште помалку бол
со сјај од лажни ветувања
без вртење назад
без себе во неа
со срце кое чукаше бавно
средени мисли
и спастрена душа
ама сега
во овие 42 и неколку векови
љубовта ми е како да се пораѓам
со болни контракции
собрана душа
мисла која клука и ме измачува
дека нема пустата да ја додржам
дека телово веќе силно за неа не ми е
ниту пак срцево кое тропа
како преплашен зајак во градиве
ќе ми ја издржи
затоа сега страв од неа имам
за да се сочувам
во едно да останам
иако веќе чувствувам
од врвовите на прстите како напукнувам
како сува земја на припек душава ми е
сета лузни и бразди
и си велам
ете само толку посакувам
да ми одминеш
некако
не знам како
но само да ми минеш
она збогум што ти го кажав
да си го кажам во себе
безгласно
без помпа
тивко и мирно
да одболувам
да заборавам
тебе во себе повеќе да не те наоѓам
и срцево
ете тоа да можам да го сочувам
да го смирам
да го заспијам
За Женски магазин, поетесата Ана БунтескаФото: Стојан Стојановски