Ана Бунтеска: Сите мисли за тебе годиниве во умот што ги чувам
Како низ мислите кога си чепкаш
па си ги одбираш најубавите
како дете
нурнато во омилени играчки
со светнати очи
со ситост во нив од убавина
со треперливи раце од возбуда
па тие најсаканите ги трга настрана
за со нив да се заигра
ете така јас мисливе за тебе ги двојам
ги токмам на полица од стакло
ко на времето старите порцеланот што го редеа
со крпче ги тријам дур не блеснат
дур не засветат очи да ме здоболат
па се поттргам за од подалеку да ги видам
ги редам, прередувам
им зборувам
се смејам
ги галам нежно
со воздушест допир да не се извалкаат
и така со години ги чувам
себично
заклучени во една соба
празна и тивка
сосем малку осветлена
како во божји храм
ден да не ги види
ама и ноќ да не ги зацрни
мислите мои за тебе цела соба имаат
а клучот под перница го чувам
и сон лесен имам
не спијам
се опседнувам некој да не ги украде
и станувам болна
со страв си говорам со себе за сон да не ме фати
дур еден ден не полудам
дур сите не ги искршам
низ раце ги изронам
и среде сиот тој хаос
мирно не заспијам
покриена со прашинки од сите мисли
сите за тебе годиниве во умот што ги чувам
во празна соба, во празно срце.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски