Ана Бунтеска: Срце меѓу решетки од коски

Добивај вести на Viber

Кога ти се празни срцето

како батерија на телефон

па живееш со страв

дека секој миг ќе замре

а чука проклетото

чука брзо и неправилно

прескокнува

трча накај тебе

паѓа и крвари

а упорно станува

без усул дека го боли

дека треба да сопре

да одмори

да се залечи

како да знае

ако застане ќе го снема

ќе престане да баботи

а е се’ подалеку и подалеку

како во сон

кога трчаш а никаде не стасуваш

дур не се умориш

дур силата не те напушти

и тогаш сонот во кошмар се престорува

се будиш со вресок

и олеснето се гледаш в кревет

жив си, добро е

ама ова со срцево мое сон не е

и еве го

повторно растрчано

збунето и лудо

ми вреска заробено во градиве

меѓу решетки од коски

меѓу сите мисли за тебе

меѓу болката по тебе

меѓу нашите сенки

на дожд љубов што водат

и трча

паѓа

крвари

дур не сопре

дур не се испразни

како батерија од телефон


За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски