Ана Бунтеска: Ти повеќе ништо не ми шепотиш
Зборовите ти ги заробив
во стакленка
за очиве со бои да ми ги полнат
дур на светлина се прекршуваат
како ѕуница
како џамлии
како копнеж
бегство од себе
страст...
во мојот стаклен свет
лежат зборовите твои
како светулки
за трошка живот на ноќта да дарат
и зборуваме дур не осамне ден
некогаш само ме слушаат
а некогаш пак
молкум ги гледам
дур во главава ми вреват
“убава си”
“нежна си, мила, мека и топла”
ме задеваат и скокоткаат...
сите твои зборови
ѕвезди на моето небо
треперливи, заводливи
дур не огрубат
и здиват
па со ноќи не ми даваат да спијам
гласни се
ме вознемируваат, плашат
се претопуваат едни во други
неразбирливи се
ме гушат и тежат
и некогаш се јадат едни со други...
ги мирисам
мојата страст во нив дур се провлекува
твојата слуз
мојот парфем
твоите воздишки
ги вкусувам со врвот од јазикот
сјај со вкус на малина
чад од цигари
путер за тело од кајсија
твојата кожа...
некои горчат
ми ги солзат очите
и тогаш барам некој убав
нежен збор да ме погали...
твоите зборови одамна во мојата стакленка спијат
а ти
ти повеќе ништо не ми шепотиш
За Женски Магазин, Ана Бунтеска