Ана Бунтеска: Тилија (ЛИПА)
Тој ден ги избришав сите сеќавања
во кои минатото имаше твое име,
а иднината носеше мое презиме
и во чии букви го наоѓав спокојот
од една младост низ која протрчав,
без да оставам траги во асфалтот.
Тој ден ги засеков корените
на едно дрво со сребрени листови,
од кои дишеше мојата утеха
и капката надеж дека поинаку можам,
или барем дека поинаку сакам да биде
низ бркотницата во која немаше победник.
Тој ден ја пресеков папочната врвца
со која ми беа врзани денот кога се родив
и денот во кој знаев дека крајот е нов почеток,
та сите помеѓу ги собрав во свилен врзоп
кој тежеше точно седум грамови
и ниту еден повеќе или помалку.
Тој ден се отвори небото
од кое се излеа само една солза
и ново море од неа се стори,
со солен гребен и остри рабови,
по кој чекоревме како дете кога проодува
за да не си ги раскрвавиме стапалата.
Тој ден живите им се поклонија на умрените
и за нив дел од душата си раздадоа,
како задушница да беше
а не празник на животот,
во тишина на пресекот од два света
и надгробна плоча со нашите слики.
Тој ден не беше како другите,
некому радост однесе
некому тага на трпеза донесе,
беше тежок при изгрејсонце
и лесен на зајдисонце,
но никако обичен, никако здодевен.
Тој ден се’ имав заборавено,
тој ден нешто во мене застана
само твојот мирис ми остана,
како потсетник дека срцево не чука бадијала,
како аманет за утре повторно да се разбудам,
Тилија, љубов моја.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска