Ана Бунтеска: Твојата немоќ ме боли...твојот молк...и моето збогум

Добивај вести на Viber

Не спијам

од поодамна

ама сонував

со отворени очи

со треперливо срце

мирисот ти го сонував

допирот на лицево

здивот во косава

дур врне како ме држиш припиена

како светов да ќе се распадне ако се одделиме

а сега најтешко дождот ми паѓа

оној кому му се радував

сега ми тежи

како од олово да е

секоја капка на кожава боли

и по капка крв ме чини

а вкусот нивни горчина ми прави

денес

денес на ветров стоев

среде облаци

да ги оддува сите мисли за тебе

да ме исчисти

да ме врати онаму каде што бев

таква каква што можам да преживеам

како од метал направена

со насмевка на усните

и надгробна плоча врз очите

со стисната душа

без љубов

без бол

без себе

без тебе

со главата горе

мислите закопани

срцето погребано

денес

денес ветрот е немилосрден

денес ме боли сета тага на светов

сите изгубени души

сите убиени љубови

денес ме боли што жива сум

твојата немоќ ме боли

твојот молк

и моето збогум.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски