Ана Бунтеска: Во тишина...во љубов

Добивај вести на Viber

Стави си вино

бело и ладно

со неколку коцки мраз

запали свеќи

долга е ноќта

земи цигара

наметни нешто на плеќите

засвежува навечер

биди своја

малку и негова стани

но, не премногу

лизгај му низ рацете

како виното спушти му се низ грло

стопли го

стопли се

течи тивко и нежно

како музиката која ја имаш пуштено

играј во себе

или уште поарно

играј пред него како сама да си

замижи

не го гледај

усните ти се насмеани

го љубиш

те љуби

не мериш кој колку

само чувствуваш

те соблекува

со поглед

со глад која слатко те боли

косата пушти ја

остави го да се заплетка во неа

не е важно дали си чешлана

или нашминкана

убава си во својата несовршеност

жена си

дива и податлива

питома и нежна

и му стануваш се’

желба

копнеж

потреба

му стануваш ТИ

од ТИ изгрева и ТОЈ

во тишина...во љубов


За Женски Магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски