Ана Бунтеска: Зелената...таа назад да ми ја вратиш сакам

Добивај вести на Viber

Обезбоени се утрата

Небаре се будам во нечиј црно-бел филм

Во кој актерите само ги отвораат устите

А глас нема

Само некоја забрзана музика која ми оди на нерви

Само тоа и долу текст

Ама овој мојов текст е голем и згуснат

Ситно испишан и толку збиен

Што веќе изгледа како една голема црна дамка

Одамна се утрата обезбоени

Само косава црвена се провлекува низ нив

Како потсетник дека уште сум тука па си велам

Издржи Ано уште малку

Та потем ќе одмориш и ти и сите околу од себе

Само косиштето спастри го

Вулгарно изгледа црвен ветар низ сиви денови

Како да не и’ личи да е толку разиграна гривава

Во суморни утра и денови со боја на олово

Еј

А ти кажав ли денес дека те љубам?

Дека ми недостасуваш исто?

Ама скроз исто како и првиот ден откако не’ нема

Откако со твоето заминување ми ги украде боите

Ти кажав?

Некако почнав да изумувам се’

Умот ми лета, така мајка ми вели

А не дека нешто којзнае што правам

Туку ете, се фаќам како ми забегува мислата

И погледот

Како се’ потешко назад се враќам

А еве и сега заборавив зошто ова ти го кажувам

Оти полесно не ми е

И искрено, ниту потешко ми станува

Како телово да се навикнало подвиткано да оди

И стапалава механички се креваат и спуштаат

И ниту студот ме ремети нешто посебно

Да, знам дека ми се мраз рацете

Ама ко мои да не се

И зборовиве дури

Еве и нив никако да ги скротам

Па не знам дали песна ти пишувам

Или писмо

Дали назад те барам

Или збогум ти кажувам

А се надевав дека со годините полесно ќе е

Дека се’ ќе биде поедноставно

И ќе знам на се’ кај му е местото

Ама сум се лажела

Некако покомплицирано ми е

И луѓето почурук ми се

А и јас веројатно таква станувам

Не знам

А да

Сега се сетив оти за утрата ти кажував

За моите утра

Во кои веќе ниту чајот од нане со лимон и мед

Го нема истиот вкус

И се’ е магливо дури и кога магла нема

Ја барам зелената

Онаа која најмногу ја љубев

Таа назад да ми ја вратиш сакам

Таа ми треба за да ми дише и црвеново

Толку ти барам

Толку сакам

Само зелената да ми ја вратиш

По пошта или во сандуче само остави ми ја

Не ја виткај

Не ја скротувај

Остави ја само така

Ниту една друга не ми треба

Само мојата зелена

Само таа

За да дишам

За да можам да дишам

Да живеам

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски