Ана Бунтеска: Жена за жена
Замисли во моево тело да се разбудиш
А јас нозеве во твоите чевли да ги ставам
Замисли драга моја
Едно утро ти јас да си
А јас ти да бидам
Што би сторила со мојот живот?
Можеби би ја напишала најубавата песна
Или би ме насликала со цветови наместо очи
И крваво црвен кармин кој ќе ме краси
Можеби би била храбра да дишеш
Онака како што јас не умеам
И некому во четири очи се’ да му раскажеш
Наместо зборови на хартија да везеш
А можеби и срцето ќе ми го отклучиш
И клучот некаде ќе го затуриш
Та ќе се преправаме и двете дека не паметиме каде е
А јас
Јас можеби твојот глас ќе бидам
И она што на душа ти лежи
Ќе го тргнам за да не ти тежи
Можеби сите години во два куфери ќе ги спакувам
Онака без ред и со истуткани спомени
Можеби ќе заминам
А можеби ќе останам
Додека во совршен ред неговите кошули ќе ги наредам
И пред врата ќе ги оставам
Замисли
Само замисли драга моја
Колку полесно би било
Ти-јас да си, само на ден
И јас ти да бидам
И совршен спокој да исткаеме
Иако и ти и јас знаеме
Дека битките сами ќе си ги биеме
Оти до тебе е
До мене е
До мигот кога ќе решиме воздух да се наголтаме
И со главите нагоре да се кикотиме
Оти ниту една борба не ќе е до крај изврвена
Ако станеш некоја друга
И ако јас имево си го сменам
Оти ниту една од нас
Туѓата кожа не може ко својата да ја носи
Но можеме грб со грб да стоиме
И столбови да си бидеме
За сама да не си
И да знам оти осамена не сум
Замисли
Само замисли драга моја
Тој трнлив пат да го изодиме
И сиот бол да го изврвиме
Знаејќи оти зад тебе стои жена
Која рака ќе подаде
И да знам оти зад мене жена стои
Која ќе ме потсети која сум
Зад мене ти, зад тебе јас
Драга моја...жена за жена
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Фото: Уметница Анжелика Колева