Без протоколи за свадби, ќе останеме без единствениот извор на приходи: Свадбената индустрија - заборавена, пред финансиски колапс

Добивај вести на Viber

„Нашата работа е сезонска, доколку летото не заработиме пари, ќе немаме за зимата“, согласни се фото и видео студија, агенции за организација на свадби и прослави, дизајнери и бутици за невестински фустани, музичари, и сите останати од „свадбената индустрија“ кои поради пандемијата, со донесената мерка забрана за одржување на свадби, се пред финансиски колапс, заборавени од надлежните и на работ на егзистенцијата.

Револтот кај засегнатите е уште поголем со оглед на фактот што во текот на летото сведоци бевме, дека и покрај забраните и пропишаните протоколи, имаше случаи кога препораките и мерките на надлежните не се почитуваа и беа прекршени.
Почнувајќи од полните плажи во Охрид, се’ до полни кафулиња и клубови, како и случаи на оддржување на големи свадби во тајност - само минатиот викенд, во еден ден беа сопрени 7 свадби од Пазарниот инспекторат.

-Оваа сезона требаше да снимам околу 70 свадби, сите ми ги откажаа. Поради пандемијата останавме без единствениот извор на приходи - вели Тони Иванов, сопственик на фото и видео студиото „Фото Сара“, кој повеќе од 25 години ја издржува својата фамилија од приватниот бизнис.

„Нашата работа е сезонска, доколку летото не заработиме пари, ќе немаме за зимата“, потенцира тој, бидејќи покрај свадбите откажани му биле и сите родендени и други веселби.

Речиси слична е и ситуацијата со агенциите за организирање на свадби и други прослави, за кои нема профит ако се забранети настани од тој тип, и тие исто така поголемиот дел од заработувачката ја прават преку лето, кога е сезона на свадбите.

Агенција за организација на свадби и други прослави „Fаncy Marriage“ во Скопје, постои веќе 16 години - оттаму велат дека пропадната е цела сезона.

Од закажаните големи свадби, оддржани биле само неколку веначвки, каде организацијата се сотоела само од ручек или вечера, и венчавање со матичар, по сите протоколи и само во присуство на најблиските.

Дел од свадбите, околу 20-тина им биле целосно откажани, а дел - околу петнаесетина, им биле презакажани за догодина, „но, ни тие 15-тина не ни се сигурни“, вели Елена Крстевска - сопственик на „Fancy Marriage“, и додава дека загубите за фирмата се огромни.

Покрај тоа тие организираат и други настани, како родендени, сунети, па најголемиот дел од нив исто така биле целосно откажани.
- Фирмата буквално не фунционира, вели Елена.

Неминовен дел и најкарактеристичен за свадбите, се секако невестинските фустани, за кои невестите знаат да потрошат и по неколку илјадници евра, притоа со месеци барајќи го совршениот за нив фустан.

Така, со забраната за свадби, многу изгубија и дизајнерите на венчаници и бутиците специјализирани за невестински фустани, а ги има многу во државава.

Наташа Карчева, дизајнер, сопственик на Ателје за венчаници „Ал Апарел“ во Скопје вели дека сезонава е катастрофа.
-Трошоците нам ни течат, а никој не купува. Повеќето од свадбите, над 90% ги одложија за догодина, само мал дел си ги подигнаа изработените венчаници.

Ателјето веќе неколку месеци нуди 50% попуст на невестинските фустани, кои стојат изработени, но никој не е заинтересиран да купува, нема побарувачка - потенцира Карчева.

Дизајнерката, сега нема друг избор освен да го прилагодува нејзиното ателје на моменталната ситуација и потреба па наместо невестински фустани, почна да креира кежуал, секојдневни колекции.

Голем дел од бутиците низ државата, кои се специјализирани за невестински фустани, исто така нудат попусти, но фустаните остануваат да стојат облечени на куклите по излозите. А има и такви кои ставија клуч на врата. 

Музичарите се исто така меѓу најзасегнатите од ситуацијава, особено оние кои претежно настапуваат на свадби и други поголеми веселби.

Вчера, македонската музичка естрада, видео продукциите, фото-видео студијата, бутици, фирми за организирање на свадби и други прослави, и сите засегнати страни од забраната за одржување на свадбените прослави го поддржаа протестот „Ноќен живот“ истакнувајќи дека се таму „во име на 20.000 илјади засегнати,односно индиректно 100.000 заборавени граѓани и работници, кои достојно и макотрпно од дома ги следеа случувањата со коронавирусот, но за жал,за возврат не добија шанса да работат во нормални услови и барања како сите останати гранки во државата“, притоа нагласуваат дека се едни од најпогодените од корона кризата.

Пејачката Сузана Гавазова која исто така беше на вчерашниот протест,  за ММС истакна: 

ма доста гранки кои живееме од тие свадби, не се само музичарите.
Таа во изјавата која ја даде за ММС вели дека да беа свадбите дозволени, можеби немаше да има толку заразени, сепак, потенцира таа, во 
рестораните може да се направи некој ред, на свадбите нема толку пијанства како во клубовите.

 Четвртиот пакет економски мерки предвидува грантови единствено за рестораните, од свадбената индустрија не се задоволни, потенцирајќи дека свадбената индустрија не се само угостителските објекти овде спаѓаат и цвеќари, шминкери и фризери, фото студија, бутици, итн.

По вчерашниот протест, Владата го прифати барањето за средба и од таму соопштија дека премиерот Зоран Заев ќе ги прими засегнатите на средба во петок.

Инаку одлуката за протест следува откако деновиве се бележи повторен пораст на новозаболени со ковид-19, па надлежните предлагаат нови протоколи, и заострување на мерките, според кои се забранува гостување на ди-џеи и пејачи, во угостителски објект ќе можат да седат само четворица луѓе на една маса и се ограничува музиката во рестораните и кафулињата на 55 децибели.

Од почетокот на пандемијата, со олабавувањето на мерките одредени беа протоколи за работа за најголемиот дел индустриските гранки, додека забраната за свадби е воведена од 14. март. Последователно на тоа и бројот на склучени бракови во Македонија е драстично намален. Годинава тој број е за 70 отсто помалку од вообичаеното кога имало и по 300 брака месечно.

*Љ.И