Цените годинава се посолени, но ова море не се споредува со Егејското: Миа Костова два месеци живее во Дерми во Албанија

Втора година по ред, на водителката и инфлуенсерка Миа Костова ѝ се исполни желбата да живее на море преку лето. Миа повеќе од еден месец е во Дерми во Албанија, на брегот на Јонското море. Вели дека е  среќна што нејзиниот син Андрија може да го помине целиот летен распуст на плажа. За Женски магазин, таа го сподели искуството од ова место, раскажа за цените во споредба со Грција, за нејзиниот живот таму и за работниот ангажман кој го има. 

- Втора година по ред сум во Дерми, според многумина најубавото и најмонденско но и најскапо место кога станува збор за Албанија. Дерми го засакуваш на прва, за разлика од некои останати места во Албанија. Многумина се скептични пред да дојдат, за веднаш после првиот впечаток да се изненадени од она што ги дочекало тука. Мора да признаам дека и јас бев една од нив, и многу размислував пред да прифатам лани. Лани поминав тука 90 дена, годинава 60. Веќе го чувствувам како дома“, ни раскажа Миа.

Разликата помеѓу популарните места на Егејското море во Грција и Албанија за неа е многу голема.

- Сосема друг шмек, во ништо не се ни приближно слични. На пример морето тука не се споредува со Егејско море, сто пати е поубаво, почисто, посино… Албанија е претежно со плажи со камчиња а тоа некому му годи а некој сака песок (на пример јас), храна имаат одлична, со услугата на пример Грците се далеку понапред. За разлика од Грција делуваат како да се на почеток со растење во туризам ама навистина се трудат“, го сподели таа своето искуство.

Ни раскажа и за цените, кои оваа година се повисоки од лани.

- Е сега, цените лани беа далеку поефтини, годинава се малку соленки. Да речеме, блиску до оние во Грција. Зборувам за Дерми конкретно. Се наплаќаат лежалки, кафе околу 3 евра, ручек за двајца околу 50 евра, ноќевање од 60-70 евра нагоре за апартмани но имате и луксузни хотели кои се над 400-500 евра од ноќ“

Миа вели дека втора година по ред, таа е во Дерми во пакет  во пакет со Тијана Скулиќ, дел од целиот маркетинг на Хавана која поседува две плажи, клуб и елитен ресторан.

- Тијана го води маркетингот и социјалните мрежи, јас сум инфлуенсер за Македонија. Заради преуспешната година лани, добивме уште еден договор годинава. Јас би можела да живеам на море, сѐ е поинаку. Лани некако многу ми дојдоа оние 3 месеци ама годинава се спремив дека ќе живеам на море и навистина е така. Буквално се однесуваме како мештани тука. Се познаваме веќе со сите од продавнички до плажи и кога ќе ни дојдат гости и се радуваат на морето ги гледаме малку чудно хаха. Шега на страна, многу сум благодарна за шансата што сум јас, ама и Андрија цело лето на море“, ни раскажа Миа.

Убавите фотографии од овој дел на Албанија која станува популарна за домашните туристи, Миа често ги споделува на социјалните мрежи, а на нејзините следбеници од прва рака им ги дава потребните информации за Дерми.

М.Џаровска

Фото: Приватна архива