Дајте им ги платите од судиите на наставниците, а од наставниците на судиите: Дарко Лешоски

Познатиот поет и активист Дарко Лешоски, изреволтиран од ситуацијата во нашата земја, а во пресрет на утрешниот штрајк на наставниците за зголемување на нивните плати, напиша статус за поддршка, на кој доби повеќе од 1.800 допаѓања.

„Поддршка за вас драги наставници!
За да дојде вашето време пак кога со ќејф одевте на работа, кога децата ви ја даваа почитта, а родителите наклоноста.
И да ни се тргне пак и што поскоро пајажината од очи на сите нас како општество, дека она што сега велиме дека е одлично, некогаш не било ни за тројка.

Та може тогаш и ќе тргнеме накај негде... оној што треба да лечи ќе лечи како што треба и ќе има повисока плата и од вас и од било кого -оти животи спасува. Оној што треба да гради, ќе гради место да ќарува и грди, оној што треба да штити - ќе чува безусловно - наместо да е соучесник во злосторот. А да учи пак како некогаш - нема да може било кој!Поддршка за вас оти само во вас уште остана надеж, дека гневот и безизлезноста може да ги трансформирате во нешто поубаво од нас. Ако вие сте посреќни така ќе бидат посреќни и децата, а тие се надежта, затоа поддршка!

И да уште еднаш : Дајте им ги платите од судиите на наставниците, а платите од наставниците на судиите!

Доста е!“