Дами кои секогаш се најгласни на трибините: Згодните сопруги на македонските фудбалери
Многу девојки уште од мали сонуваат да се омажат за згодни и познати фудбалери, но таа титула со себе носи товар. Мора да се навикнат дека покрај сопругот се во центарот на вниманието и каде и да се појават мора да изгледаат убаво и негувано.
Тамара Чуприна, Елена Ашковска, Александра Трајковски и Катарина Бабунски се дамите кои се понежна половина на четворицата македонски фудбалски репрезентативци Дарко Велковски, Стефан Ашковски, Александар Трајковски и Давид Бабунски.
Некои велат кога си фудбалер, или спортист, едноставно си предодреден да се ожениш за убава жена. Не мора да биде модел, но некако е полесно ако е така. Овие фудбалери имале навистина среќа кога се во прашање нивните поубави половини.
Тамара Чуприна
Тамара Чуприна е поранешна манекенка и модел, сестра на познатата екс водителка и манекенка Драгана Чуприна.
Таа е понежната половина на македонскиот репрезентативец Дарко Велковски. Секогаш подготвена да жртвува се за професионалните обврски на саканиот.
„Колку и да звучи чудно навистина е тешко да се биде сопруга на фудбалер, понекогаш поради професионалните обврски на Дарко ние жртвуваме многу моменти. Времето не можеме секогаш да го планираме како сакаме. Постојано се ориентираме според него и неговиот распоред. Сепак на него му е тоа најголема љубов и јас и Ведран секогаш ќе го следиме и поддржуваме во кариерата.
Навистина некогаш жртвуваме многу важни моменти, колку и да сакате не е возможно секогаш да се поклопат коцките кога се работи за одмор, патување, дружби, семејни собири затоа што распоредот на Дарко е навистина нешто што мора да го следиме. Поради неговите ангажмани домашните не можат да нѐ гледаат и нас а и Ведран кога ќе посакаат, но сепак убавото е во тоа што се радуваме на неговите успеси а всушност ние тројца сме секогаш и секаде заедно а тоа е најважно-ни раскажа Тамара во едно интервју кога ја прашавме како е да се биде сопруга на фудбалер.
Самиот факт што е поранешна манекенка по себе значи дека е згодна и следи модни трендови.
Се грижи за себе.
“Секогаш се трудам да најдам време за себе. Нормално дека тоа беше почесто пред да станам мајка тогаш имав повеќе време, сега тоа ќе го правам кога ќе дојдеме дома и кога бабите и тетките ќе го чуваат Ведран (се смее). Ако добро го распоредите времето тогаш ќе стасате секаде“ ни кажа Чуприна.
Тамара и Дарко се родители на малиот Ведран (1).
Убавата Елена Ашковска, пак ја има честа да биде понежна половина на фудбалерот Стефан Ашковски.
Заедно со децата, Ника (4) и Матео (2) Елена е најголема поддршка на сопругот Стефан. Таа е наставник по македонски јазик, а моментално не работи, туку целосно е посветена на децата и Стефан.
За Елена е предизвик да биде сопруга на фудбалер, но вели дека за неа не е битна професијата на личноста се додека љубовта е обострана, има почит и разбирање и поддршка.
„И кога таа љубов е исполнета со дечиња тоа е нешто според мене најубаво во животот. Секогаш ќе има предизвици нормално, но треба заедно да сме посилни од сѐ“-додава таа.
Згодната русокоса е голем гурман и обожува да готви. Во една прилика ни откри дека не вежба секојдневно но понекогаш тоа го прави во друштво на сопругот, не внимава посебно на исхраната, но не јаде премногу обилни оброци и не е обожавател на благо.
Александра Трајковски ја носи титулата сопруга на Александар Трајковски.
Оваа црнокоса убавица потекнува од Србија, а по професија е гинеколошко-акушерска сестра.
Со Алекс се запознале пред 15 години, преку заедничка другарка на летување во Црна Гора. Александар тогаш имал 16, а таа 17 години.
„Аца ме освои пред сѐ со вниманието кое ми го подаруваше. Бевме многу млади и вљубени. Тоа беше детска љубов. Бидејќи јас сум од Србија, далечината и училишните обврски нѐ спречуваа да ја одржиме врската. Сепак, на крај ништо не нѐ раздели. Имав 22 години кога ме побара за сопруга. Бевме на вечера со негови роднини во Македонија. Сега сме полни 10 години во брак. Инаку нашата приказна за мене е многу посебна и би би можела за неа да напишам книга“, ни раскажа Александра во ексклузивно интервју.
Плод на љубовта на Алекс и Александра Матеј и Искра.
„Имам свои домашни ритуали. Лично сакам да видам негувана жена. Кога имам помош, успеам да се организирам и да одам на некој третман за лице или некоја масажа, на фризер и слично. Што се однесува до дружењето, јас сум дружељубива, и ако сакаме времето да го поминеме со пријателите сметам дека секогаш може да се најде начин за тоа. Имам неколку пријатели со кои со задоволство пијам кафе, еднаш или двапати неделно, зависно од можностите“, ни раскажа Александра.
Катарина Бабунски е уште една сопруга од соседна Србија на македонски фудбалер. Таа е поубавата половина на македонскиот фудбалски репрезентативец Давид Бабунски. Двајцата се горди родители на две момчиња Елисеи и Лиам, и девојчето Алина кое се роди во април.
„Давид и јас се запознавме во Белград, преку заеднички пријатели, во 2016 година кога тој играше во Звезда. Многу брзо почнавме да живееме заедно, така што веќе во 2017 бевме во Јапонија. Таму правилата се малку поинакви, па единствен начин да останам таму беше условот да се венчаме. Иако во тој момент не планиравме брак, не ни беше проблем да се венчаме бидејќи љубовта и почитта беа присутни од самиот почеток. Ни беше важно да останеме заедно и се покажа дека не погрешивме, бидејќи од тој брак создадовме семејство“ - ни раскажа Катарина.
„Како е да се биде сопруга на фудбалер, тоа зависи многу од тоа каков маж имате, како и колку сте ментално подготвени за таков живот. Немаат сите фудбалери иста кариера, но воглавно секој од нив мора многу напорно да работи за да би можел воопшто да напредува. Така да се тоа влијае на жената и на квалитетот на живот на целото семејство“ додава шармантната Катарина која по професија е Архитектонски техничар.
Ирена С.