Длабочината на џебот не е пресудна за хуманоста: Градежниот работник Симон Попоски кој живее во Австралија, секоја година испраќа пакети за децата од СОС Детско село

Човекот се познава каков е, кога е најпотребно. Во најтешките мигови да ја покаже целата убавина на душата, да биде хуманист на дело, да е пријател кој подава рака и да биде столб во тешките ситуации. Еден од нив е Симон Попоски (50) кој 17 години живее во Мелбурн, Австралија.

- Струга ја напуштив во 2006 година, бидејќи се оженив за Македонка, која живееше таму од дете. Во почеткот ми беше тешко, бидејќи се соочив со нова средина, различен пристап кон многу нешта, нови луѓе, нов живот. Постепено се навикнував, а најмногу во тоа ми помогна љубовта од мојата сопруга- вели Симон кој по професија е хемиски техничар, а неговата сопруга работи како смтководител. Татко е на син и ќерка.

- Работам во градежна фирма на Багер машина. Задоволен сум од примањата кои се доволни за нормален живот. Меѓу мене и газдите постои взаемна почит. Никогаш не сум тежнеел кон луксуз. И додека живеев во Струга имав нормален живот – посочува Попоски.

Тој е потврда дека не постои правило кога е во прашање хуманоста. Не е пресудна "длабочината на новчаникот“ туку „длабочината на душата“ која не е поврзана со материјалниот статус, туку си искрената намера.

- Никогаш не сум бил дел од некоја хуманитарна акција. Секогаш сам сум преземал иницијатива и сум помагал колку што можам и додека живеев во Македонија. Кога се преселив во Австралија не заборавив на хуманоста. Решив секоја година да праќам пакети со нова облека и други нешта, на децата од СОС Детско село во Скопје. За тоа е заслужен Владо Караев.Голема поддршка имам и од сопругата. Заедно ги купуваме работите што ги испраќаме. Во пакувањето ни помагаат и децата. На тој начин им ја всадувам хуманоста. Пакетите ги испраќаме преку Австралиска хуманитарна помош. Искрено, не очекував дека еден ден ќе зборувам за тоа, кога и колку сум подарил јавно. Но, се надевам дека мојата приказна ќе поттикне и други да им понудат помош на најранливите категории на луѓе во Македонија – заклучува Попоски.

Дали неговиот пример ќе го следат и други и ќе тргнат по патот на солидарноста и хуманоста, ќе покаже времето.

(С.А.Н)