Докторите ми рекоа дека со музиката им ги лечам пациентите: Скопје е среќен град на концерт на Андре Риу (ГАЛЕРИЈА)

Ако некој се обидел да ја научи македонската публика на памет дека на концерт се доаѓа на време, па дури и пред време, тоа а Андре Риу. Холанскиот виолинист со светска слава по три години одржа концерт во Скопје во салата „Борис Трајковски“, со својот оркестар „Јохан Штраус“ и почна точно на време, во 20 часот.

Откако влезе од холот од главниот влез како и сите останати, се прошета меѓу народот со оркестарот и се качи на сцена, концерот почна. Но, дел од публиката сè уште доаѓаше, се сместуваше, некои бараа каде им се седиштата, за жал ништо ново за Скопје.


Најважно од сè е дека Риу ја има таа моќ да ги прави луѓето среќни, навидум на многу едноставен начин - свирејќи популарни класици и арии и раскажувајќи топли, човечки приказни. Скопје сношти беше среќно со оркестарот кој одлично се забавува додека ја свири „На убавиот син Дунав“, и со фантастичните вокали, шарматните тенори и убавите дами, сопраните на Риу.

Како и пред три години, прекрасно прозвуче „Македонско девојче“, во оркестарска верзија со симпатичниот акцент со кој ја пеат женските вокали на оркестарот.

-Ја имам најубавата работа на светот, да создавам музика. Добивам писма од луѓе од целиот свет, ми пишуваат и доктори. Ми велат: Андре, наша задача е да лечиме луѓе. Но, кога главната сестра ќе ја пушти твојата музика, ние не сме им веќе потребни на нашите пациенти, ти ги лечиш“, раскажа Риу.


Секоја изведба си имаше своја приказна: За девојката која се вљубила, а татко ѝ не дозволил да се мажи па попуштил откако таа му запеала. За хотелот кој во своето лоби добил спонтан концерт од оркестарот на Риу - гостите останале без сон ама сите уживале во музиката која се ширела од лобито таа ноќ. Андре е бескраjнo духовит и шармантен, со енергија на младо момче со своите 73 години.

Секој детаљ на неговите концерти е совршено испланиран. Мимиките кои тој ги прави додека свири како дел од шоуто - во секунда ги гледаме на видео бим, па се прикажува орекстарот кој наздравува со шампањ за време на бисот, сè се ова симпатични детали поради кои Риу е толку популарен, покрај убавата музика и изведба кои ги нуди.


На „Убавиот син Дунав“, парови станаа од своите места и заиграа, некои од првите редови не ги промаши вештачкиот снег кој направи посебна магија, а Риу направи хор од публиката, делејќи ги на три гласа. Сите овие нешта ќе се паметат и раскажуваат за овој среќен концерт, полн со љубов. И не за џабе, Риу на бис ја отсвире „Can’t Help Falling In Love“, од Елвис Присли.


Убавата Јана Серафимова - Петровска го водеше овој настан, уживајќи на сцената заедно со музичарите.


Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровси