Фановите ме обиколија, никој не можеше да ги сопре: Сто дваесет илјади луѓе на концертите на Лозано

Влатко Лозаноско- Лозано е рекордер. Со својот бенд, поп-ѕвездата имаше над 30 успешни концерти низ Македонија и надвор во изминативе неколку месеци. Лозано, кој во моментов е на заслужен одмор, за Женски магазин открива дека до крајот на годината и следната 2020 веќе се закажани уште најмалку 30 концерти. 

„ Од почетокот на 2019 година морам да кажам дека заедно со мојот бенд имавме над 30 јавни успешни концерти низ Македонија, но и надвор од нашата држава, со вистина голема посетенот со вкупно над 120.000 публика. Сакам да им се заблагодарам на сите оние кои присуствуваа и на сите кои придонесоа за да се реализираат овие успешни концерти, кои без нив немаше да бидат исти“, ни изјави пејачот. 

Миленикот на сите генерации вели дека интересеот на публиката е повеќе од она што тој и неговиот тим го очекувале. „Километри“, „Јако, јако“, „Надеж“, „Мајко“, „Не те вадам јас од памет“ се дело на хитмејкерите Лазар и Магдалена Ена Цветкоски. Поголемиот дел од тие песни се на албумот „Десет“, кој Лозано го издаде лани, а насловот го означува неговиот десетгодишен јубилеј на сцената. 

„ По албумот, следеа големите успешни концерти во „Борис Трајковски„ во Скопје, па на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, концертот на „Широк Сокак“ во Битола. Само на овие три концерти имаше посетеност од речиси 30.000 публика. Следеа по неколку во Струмица, Куманово, Штип, Пехчево, Делчево, Берово, Кичево, Охрид, Прилеп, Неготино, Виница, Кочани, Тетово и во Швајцарија“,додаде Лозано и се присети на најинтересната анегдота од неговата турнеја. 

„ Анегдоти има премногу, но еве прва што ми паѓа на памет е пред неколку дена на настапот во Берово, бидејќи публиката беше за вистинска десетка. По завршувањето на мојот настап како и вообичаено, се сликам со моите обожаватели. Сѐ беше супер, сѐ до моментот кога обезбедувањето не можеше да ги сопре стотиците фанови кои ме обиколија и сакаа да се фотографираат со мене. Во еден момент почуствував како некој ме зграби за рака и се обиде да ме однесе до автомобилот кој беше паркиран на неколку метри. Пред автомобилот имаше исто така педесетина обожаватели кои чекаа да се фотографираме. Верувајте, не беше возможно на толку луѓе да има фотографирање, бидејќи не беше можно да се направи ред. 

Некако успеав да влезам во автомобилот, а тие започнаа да удираат по него, за среќа без последици, немаше никаква материјална штета. Сега само можам да ветам на сите оние кои останаа без можност да се сликаме, следната прилика ќе направиме најубави фотки“, ни раскажа Лозано. За своите фанови, тој ветува уште многу хитови и успешни концерти.

Милица Џаровска 

Фото: Горан Десковски, Стефан Самандов, Мартин Кангалов