Финците тврдат дека тајната на нивната среќа е во 500 год. стара филозофија: Еве како отсекогаш му пристапувале на животот и по што се разликуваат од другите
„Сису“ е концепт и начин на живот кој е вткаен во финската култура повеќе од 500 години! Не постои директен превод на овој збор, но се однесува на решителност и сила. Се работи за тоа да се има храброст да се оди напред, дури и во услови на неволја и речиси невозможни изгледи за подобрување.
Финска и официјално е прогласена за најсреќна земја во светот седум години по ред. Живеејќи овде поголемиот дел од мојот живот, знам дека „сису“ игра значајна улога во нашата благосостојба и способност да одржуваме позитивен начин на размислување и да останеме издржливи, пишува психологот и истражувач на сису Елизабет Лати за CNBC.
Како експерт за психологија, ја посветив мојата кариера на учење на луѓето како да го применат моделот „сису“ во нивните животи. Еве ги моите три најдобри совети:
1. Најдете цел надвор од себе
Според истражувањето на психологот Ангела Дакворт, можеме да издржиме многу подолго кога работиме на нешто што придонесува за светот надвор од нас.
За да соберам податоци од прва рака за концептот сису за моите докторски студии, завршив трчачка експедиција од вкупно 2.500 километри низ Нов Зеланд. Мојата трка ја посветив на подигање на свеста за семејното насилство. Секој пат кога почнав да се чувствувам исцрпено или на работ да се откажам, свртувањето кон таа поголема цел ми помогна да одам напред. Кога ќе преземете нов предизвик или ќе ви треба сила да продолжите, најдете поголема цел со која ќе можете да се поврзете. Тоа може да биде вашето семејство или пријатели, некој што ве инспирира или причина што ви го загрева срцето.
2. Зголемете ја издржливоста преку вежба и пракса
Пред да трчам, тренирав речиси секој ден две години. Ги облекував патиките за трчање и кога не сакав. Секогаш трчав, без разлика дали врне дожд или свети сонце.
Вежбањето и подготовката го олеснуваат искористувањето на нашата внатрешност. Истражувањата покажуваат дека нашето тело има скриени резерви кои природно ги користи кога ни се најпотребни. Значи, колку повеќе се предизвикуваме себеси, толку повеќе добиваме навики кои ја зајакнуваат нашата издржливост.
Фокусирањето на дишењето за да го смири мојот нервен систем беше стратегија што го подобри моето трчање. Со текот на времето, од почетник преминав до точка да поминувам од 15 до 25 километри дневно.
3. Бидете нежни со себе и поврзете се со природата
Порано мислев дека морам да бидам строга со себе за да бидам успешна. Но, постои ограничување до каде можете да одите, освен ако не ја балансирате цврстината со сочувството.
Еднаш се повредив на тренинг. Трчав 50 километри дневно 12 последователни дена. Морав да се запрашам дали да се откажам или да „турнам“ понатаму. Се одлучив за третата опција: го оставам моето тело да се лекува. Дури и да забавив, сепак можев да ја исполнам мојата цел да трчам 2.500 километри со вклучување на велосипедизмот во моето патување.
И бидејќи повеќе не се обидував да постигнам опасно темпо, можев да поминувам повеќе време уживајќи во убавината на пејзажот околу мене за време на мојата експедиција.
Во Финска, пешачењето и планинарењето во природа се клучен дел од културата. Тие ни помагаат да најдеме внатрешен мир и чувство на среќа што ни помага во тешките моменти.
Финска 6 години по ред е најсреќна земја во светот: Овие нешта Финците ги прават поинаку од нас