И без ора и чочеци може да има музика на свадби: Горјан Стојановски нуди решение за музичарите

Добивај вести на Viber

И покрај забраната за организирање свадби и забраната за жива музика во угостителските објекти, Горјан Стојановски, претседателот на Здржението на естрадни уметници вели дека ова е одлична година за оние кои сакаат да им е поразлична свадбата.

Горјан или Гокса како што го викаат блиските, со своите колеги речиси цела година се бори на музичарите да им се дозволат настапи според предвидените протоколи и мерки за заштита, најмногу поради тоа што на многумина тие настапи им се единствениот приход.  Стојановски, кој е член на групата „Скопски боеми“, виолинист во МОБ, а до неодамна и угостител, ја раскажа својата лична приказна од почетокот на пандемијата до денес. 

-Ако не може да се игра ора и чочеци,тоа не значи дека не треба воопшто да нема никаква музика. Па, има различни типови на музика, амбиентална, акустична музика за време на ручек /вечера ,коктел музика ,инструментална класична и евергрин музика за прием на гости. Тоа е од прилика како што се прават во сите западно европски земји а верувајте дека се сè почести таквите свадби во последно време, а посебно оние кои веќе живеат во странство или е мешан брак. Така да начини има, само треба од Комисијата за заразни болести да нѐ сослушаат, односно да се консултираат со професионалци од браншата, а кога ќе се создаде атмосфера тие самите ќе увидат, треба да ја тргнат забраната. Ние веќе имаме пратено писмо за средба до нив и чекаме одговор“, објасни Горјан за евентуалниот начин на работа на музичарите во кој го поддржуваат колегите.

Пандемијата и нему лично, и не неговото семејство им одржала неколку важни лекции. 

-Јас живеам навистина бурно и со брзо темпо, но оваа година дигна рачна, успори сѐ но ни даде убрзан животен курс на сите. Бидејќи имав време за мислење , си правам ретроспектива на моите искуства и функции кои ги имам низ годините и сфаќам дека сум предодреден за лидерство и менаџмент, меѓутоа секогаш гледам да е поврзано со мојата професија-музиката. Тоа искуство го подобрувам со годините а во последиве неколку години обврските стануваат сѐ посериозни. Како што знаат сите ,одговорен сум за уметничкиот дел и организација околу него во најгледаната музичко-забавна емисија во Македонија „Мерак Меана“, ни раскажа Горјан кој жали што емисијата е на пауза со снимање од минатиот март, но иако одат репризи веќе цела година гледаноста не опаѓа. 

-Имавме и фамилијарен бизнис, ресторан „Дада“ кој се наоѓаше во Дебар маало, беше убаво фамилијарно место со многу добра храна. Но, исто така погодени од пандемијата бевме принудени да го затворивме во јули минатата година, но со оглед на ситуацијава не жалам многу туку напротив пресреќен сум што така излезе иначе кај ќе ми беше крајот...Ама јас не сум јас ако пак не застанам на некое место со одговорност, така на крајот на јули бев изгласан за претседател на Здружението на естрадни уметници на Македонија и се отвори нова врата на предизвици. Основна цел на здружението е промовирање и презентирање на Македонска музика но во моментов се бавиме со проблеми кои не ни се во домен и ние уметниците не се снаоѓаме баш најдобро. Сепак имам добар тим околу мене и како досега, така и понатаму се надевам дека ќе наоѓаме решенија и побрзо ќе излеземе од оваа криза заедно“, објаснува музичарот. 

Тој ги охрабрува сите уметници да продолжат да творат и креираат, бидејќи колку и да изгледа небитна уметноста во моментот, тој ги уверува колегите дека не е така. 

-Уметноста допира до каде што треба да допре и ја постигнува целта и мисијата која ја има. Не се чувствувајте помалку важни ,туку напротив , секогаш во најголемите кризи излегувале најдобрите дела“, порачува Горјан. 

Доказ за тоа е и „Мерак меана“, проект кој тој и неговиот тим го работеа со многу посветеност и љубов. 

-Кога те застануваат на улица секојдевно и ти кажуваат дека им го правиме животот поубав на луѓето, сфаќам дека сме создале нешто квалитетно со трајна вредност, и чувството е неописливо“, вели Горјан.

Тој е сопруг на виолинистката Ирена, која е дел од шарматното женско гудачко трио „Тринити стрингс“ и татко на две ќерки, Лаура и Андреа. 


Милица Џаровска

Фото: Приватна архива