Ана Бунтеска: И повторно, на животот му се потсмеваш

Добивај вести на Viber

Му се потсмеваш на животот,

пишувајќи ја смртта на бел ѕид,

со дебели, црни и накривени налево, букви...

И знаеш дека еден ден

дрскоста скапо ќе ја платиш,

тогаш кога ќе помислиш дека конечно се’ е во ред...

Ја бојосуваш косата црвена,

долга ја пушташ,

со мисла да се обмоташ во неа како во чаршаф...

Ете, со часови гривата си ја чешлаш,

со луцидна мисла дека убава перика би била

на нечија туѓа, гола, без мисли- глава...

Правиш планови за години нанапред,

а посакуваш уште утре да те нема,

да се стопиш со првиот дожд...

Чекориш како да имаш цел,

извежбани ти се нозете за лажен од,

а во себе знаеш дека никаде не стасуваш...

Сакаш мир, душата си ја труеш,

а вистината е дека не знаеш што со него,

па во себе тивко се помолуваш да не го најдеш...

Го почнуваш денот со мисла за ноќта,

чекајќи ја како жена, љубовник што чека,

толку долго и трпеливо, што повеќе и не му се радува...

Пекаш за љубов како од филм,

како сите оние кои во зима за летото тажат,

а на лето офкаат за ладовина и дожд...

Си ја труеш душата со мисли за шарени утра,

а срцето ти се полни само со црно и бело,

дур еден ден се’ не ти стане сиво...

И пишуваш, како животот од тоа да ти зависи,

си ја распостилаш тагата како свежо испрани алишта,

надвор на ветрот, пред сите, демек ќе ти олесни...

И покрај сите падови во себе, пак се креваш,

со бес и рака полна облаци како шеќерна волна да држиш,

за да можеш еден ден на раат таму да се сместиш...

И повторно, на животот му се потсмеваш,

инает со него тераш, горделиво и простум му пркосиш,

за да осетиш дека си тука, дека дишеш, дека си свој...дека си жив.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски