Има прашања

Добивај вести на Viber

Има прашања кои остануваат неодговорени

Колку и да се плетат приказни

Или да се читаат фермани

Остануваат да лебдат во воздухот

Оти за нив објаснување нема

Има прашања кои за навек во умот остануваат

Оти ниту еден одговор душа не смирува

И мирен сон не носи

Како горчина седат во грлото

И ја трујат утробата

Има прашања кои поболуваат

Оти не знаеш дали сакаш да ги изустиш

Или во тебе да останат дур жив си

Од пусти страв што ќе чуеш

И дали животот после ист ќе ти остане

Има прашања од кои коси белеат

И коски од болка се кршат

Оти секој одговор како сол на жива рана е

Та си го гориш срцето со сомнежи

И тешки обвинувања

Има прашања....

Има и одговори

Од кои косата на глава ти се крева

И ти се чини како зол дух во тебе да влегува

Кои од човек-нечовек прават

И рацете во крв ги бојосуваат

Има одговори кои никому не му се важни

Освен заради пуста љубопитност и сеир

Кои умираат во оној за кој се наменети

Ама не го заглушуваат татнежот во главата

Од кои полека, но сигурно се побудалува

Има одговори кои в земја се закопани

Заедно со оние кои ги знаеле

За вечно да останат тивки

И до гроб човек да го измачуваат

Како смртта доволна да не е

Има прашања

Има одговори

И помеѓу нив загуба која голта

Како ненаситно животно јаде се’ пред себе

И никого не воскреснува

Ниту спокој на умрените им дава

Има прашања кои се премолчуваат

И одговори од кои солзи капат

И црно помеѓу нив

Како земја тешка врз ковчег на дете

Врз сите соништа и мечти

Неостварена иднина и минато кое не постои

Има прашања...и одговори

Кои и да ги знаеш нема иљач да донесат

Никогаш

Никому

Никогаш и никому

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска